Лазарова Трајковска: Иванов треба да го потпише законот, а Уставниот суд да изјасни за него

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова Трајковска денеска изјави дека прашањето дали претседателот Ѓорге Иванов ќе го потпише указот за Законот за јазиците е негова одлука, но во оваа фаза не се работи за желба туку за должност.

– Одлуката на претседателот е негова како тој ќе постапува, меѓутоа словото на законот и на Устаот, пред се на Уставот, во оваа фаза се работи за должност не се работи за желба дали ќе се потпише указот или не туку за должност на претседателот кога по втор па Собранието ќе го усвои законот да го потпише, изјави Лазарова Трајковска, која е и поранешна уставна судијка.

Според неа, во една ваква ситуација законот треба да стигне пред Уставниот суд и тој да го каже неговото видување не само од аспект на уставноста туку и за квалитетот на одредбите на самиот закон.

– Во ситуации кога се носат закони како овој вчера со процедурални опкружувања такви какви што имаше вчера и со постапки какви што можевме да ги видиме, единствено, според мене, квалитетно и одговорно судство понатаму ќе даде одговор за тежината и содржината на законот. Во една ваква ситуација тој треба да стигне пред Уставниот суд и тој да го каже неговото видување од аспект на квалитетот на законот, значи не само од аспект на неговата уставна издржаност како акт туку и квалитетот на одредбите на самиот закон, изјави Лазарова Трајковска по денешната конференција во Собранието за реформа на судството.

Повикувајќи се на Законот за Собрание, таа смета дека претседателот има обврска која е врзана со рок од седум дена.

– Тоа е рокот вакавиот легис времето во кое претседателот треба да се произнесе. Нагласката на должност укажува на тоа дека ова не е моментот за ставање вето на ваков закон особено затоа што за да може да се даде оценка на законот тој треба да стигне пред Уставниот суд, бидејќи според мене времето за реакција на Венецијанската комисија е задоцнето. Закони стигаат пред Венецијанската комисија на мислење само кога се во нацрт или во предлог верзија и тогаш таа може да укаже на пропустите и на слабостите, неусогласеноста со Уставот. Во овој момент кога законот по втор пат е донеен понатаму обврската е во рацете на Уставниот суд, потенцира Лазарова Трајковска.

Според неа, исходот од вакви лоши законски процедури и постапки и, како што рече, носење закони на мускули, во праксата може да биде само пред квалитетен и одговорен суд, кој ќе го гради својот имиџ со содржајни одлуки.

– Исходот треба да биде пред належен суд, се друго е политика и политиканство. Како понатаму ќе се однесуваат политичарите, а политичар е и претседателот на државата тоа е нивно право, меѓутоа кога овој предмет ќе дојде, а треба да дојде пред Уставниот суд тој треба да си го каже своето мислење од аспект на уставноста дотолку повеќе што овој закон, за жал немаше шанса да го добие мислењето на европски и независни експерти, како што е Венецијанската комисија, вели Лазарова Трајковска.

Законот за употреба на јазиците беше донеен вчера во тензична атмосфера, а претседателот Ѓорге Иванов се изјасни дека нема да го потпише указот за негово прогласување.