Курти сместен на интензивна нега во државната болница во Приштина
Лидерот на една од најголемите косовски опозициски партии, Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти веќе втор ден се наоѓа на одделението за интензивна нега при Клиничкиот универзитетски центар на Косово (ЌКУК), поради проблеми со дишните органи.
Курти поради висока температура и мачнина вчера претпладне беше хоспитализиран на инфективното оделение во ЌКУК и првичната дијагноза беше дека е најверојатно заразен од сезонски грип, но подоцна се испоставило дека има проблеми со дишењето, односно со белите дробови.
Информацијата, во изјава за „Газета Експрес“, ја даде директорот на инфективно, д-р Хамди Рамадани, кој вели дека состојбата на Курти се стабилизира, но оти ќе треба да остане на интензивна нега уште најмалку два дена.
– Тој беше примен на Инфектиувната клиника вчера околу 10 часот во тешка клиничка состојба. Имаше настинка, која ја нарекуваме болодробна. На почетокот се сомневавме дека е заразен од епидемскиот сезонски грип и инфлуенцата, изјави Рамадани.
Тој информира дека во моментот кога бил примен во болница, Курти имал проблеми, потешкотии во дишењето поради што е сместен на интензивно, каде што му е извршена и интубација на кислород.
– За среќа, од денеска на пладне неговата состојба се подобрува и тој веќе нема потреба од дишни апарати. Болеста е во регресија и анализите се подобруваат. Ќе направиме уште неколку анализи, изјави Рамадани, кој е задолжен за третманот на лидерот на ВВ.
Од хоспитализацијата на Курти, ходниците на одделот за интензивна нега и реанимација при Инфективната клиника на ЌКУК цело време се полни со активисти на ВВ, кои ги очекуваат информациите за здравствената состојба на нивниот партиски лидер.
Курти синоќа во болница го посети и премиерот Рамуш Харадинај, за да му посака брзо опоравување.