Кумановски уметници ќе изложуваат во Кавадарци


Во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе биде отворена изложбата „Скици 2017“ на која со свои дела ќе се претстават повеќе автори од Куманово.

Изложбата ќе биде отворена на 12 декември, вторник, во 19 часот.

За изложбата Роберт Цветковски, историчар на уметноста од Куманово меѓу другото ќе напише:

„Своето седмо издание, биеналната изложба на цртеж “Скици 2017“ ќе го одбележи со отварањето на вратите за сите ликовни уметници (досега учество земаа само академските сликари). Идејата да му се даде масовност на проектот ќе донесе уште поголема разновидност во однос на идеите и решенијата коишто ќе бидат понудени од страна на учесниците имајќи го во вид фактот дека цртежот отсекогаш добивал посебен третман условен од влијанието на ликовно-техничката дисциплина во којашто уметникот се изразува. Оттука нè зачудува нагласената употреба на бои и колористички цртачки решенија од страна на академските сликари, бихромни композициски структури со нагласена употреба на линијата – карактеристика на академските графичари, како и сложени стилизирани асоцијативно-фигуративни сцени со нагласена нота на волуменот и фактурата на материјалот интерпретирани од страна на академските скулптори. Настанот е во рамките на манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2017.“