Крушево го одбележува 38. роденден на Тоше
Во одбележувањето на роденденот на Тоше се вклучени: Меѓународната фондација „Тодор Проески“, музејот Спомен-куќа на Гумење и крушевската локална самоуправа.
Организираното одбележување почнува од 11:30 часот кога приврзаниците на Тоше, фановите, претставниците на инситуциите ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење.
Напладне, во спомен-куќата на Тоше почнуваат манифестациите. Учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски Борче“ ќе читаат извадоци од песните на Тоше, ракотворци од Битола ќе изработуваат дела од срма и монистра тематски поврзани ликот и делото на Тоше Проески, а ќе настапат и поединци: Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска.
Цело време денеска од 9 до 16 часот, во Спомен-куќата, ќе се одржува традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше.
Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење содржи над 350 експонати поврзани со Тоше, а од 2011 година, кога е отворена, ја посетиле преку 650.000 гости од кои 30 отсто од странство. Како што информира директорката на Музејот, Елена Мирчевска, дел од фановите од соседните земји веќе во Крушево се последните два дена.
Тоше Проески трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка во Хрватска.
Во сеќавање на Тоше, традиционално по 15. пат денеска ќе биде организирана крводарителска акција. Организатори на акцијата се Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Центар, Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот.
Поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст Центар.
-Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин, нагласуваат организаторите.
Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески почна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. До сега на овие 14 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4. 500 крводарители.