Кредитното биро ќе изготвува извештаи за кредитната способност на граѓаните

Кредитното биро ќе изготвува извештаи за кредитната способност на граѓаните што ќе бараат кредит. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за кредитно биро, кој Министерството за финансии го достави до системот ЕНЕР на јавна дебата.

Според Министерството за финансии, овие законски измени се со цел воведување извештај за кредитна способност на кредитобарателите.

– Воведувањето на оваа услуга ќе резултира со предности за кредиторите и кредитокорисниците. Извештајот за кредитната способност ќе им овозможи на кредиторите да го подобрат кредитното портфолио, да ги намалат трошоците од работењето и значително ќе го намали времето потребно за одобрување кредити. Истовремено, извештајот на кредитобарателите ќе им даде јасна слика за нивната кредитна способност – велат од Министерството за финансии.

Согласно Законот за кредитно биро, кредитно биро може да изготвува извештаи за состојбата на обврските на правни и физички лица, но не може да изготвува извештаи за нивната кредитната способност што е вообичаена активност на кредитните бироа во меѓународни рамки.