Кој треба да се чукне по глава

Ерол Ризаов

Кој треба во оваа кутра земја да се чукне малку посилно по глава за да му дојде умот и да му се разбистри, да му текне дека треба да си ја работи работата за која е избран и одговорен, за што се заколнал пред Уставот и пред граѓаните на Македонија. Тоа се премиерот и владата, претседателот на државата, пратениците и претседателот на Собранието, лидерите на релевантните политички партии, јавниот обвинител, судиите… и сите други по ред на кои точно им се наброени должностите и обврските и во мир и особено при опасност од загроза на територијалниот интегритет и безбедноста на државата. И тоа кога во најблиското соседство се цртаат нови граници и се подготвува размена на територии и на луѓе и кога во сопствената земја на очиглед на целата јавност се попречува остварувањето на државните и национални интереси и се кршат законите кои ја гарантираат безбедноста на Македонија и нејзините граѓани.

Сите тие наместо да работат според своите надлежности и обврски, според законите и уставот со денови трошат огромна енергија обидувајќи се преку медиумите и социјалните мрежи да разјаснат дали граѓаните на Македонија на 1 октомври, ако излезат да гласаат на референдумот и ако не го преспијат 30 септември, ќе исчезнат или ќе бидат уште тука. Тажен е резултатот на нивната волонтерска работа да копаат дупка во водата бидејќи не ја гледаат лавината која од зад грб среде лето се тркала кон Македонија со сè поголеми изгледи да нè затрупа сите ако продолжат мудрувањата и ораторските способности во докажувањата колку ангели можат да застанат на врвот на една игла.

И додека во Македонија траат дискусиите, полемиките, анализите, кавгите, заканите, навредите… на лутите непријатели како да стасаат до иста цел (сите тврдат дека се за ЕУ и НАТО), на Балканот, во најблиското соседство се преговара за размена на територии и се прават нови географски карти. Само политички дилетанти не можат да разберат колкава опасност е тоа за Македонија.

Ниту една надлежна институција во земјата уставно и законски обврзана при опасност за безбедноста и загроза на територијалниот интегритет на земјата, не ја разгледа ситуацијата и не се огласи, ни со два збора, да каже пред јавноста дека будно се следат настаните и се преземаат соодветни мерки. Не се слушна ништо дали премиерот и надлежните министри ги прочитале своите уставни обврски што треба да прават во вакви деликатни ситуации. Извесно е дека не функционира институцијата претседател на државата и Советот за безбедност. И наместо да се вклучи тревога од прв степен и итно да се преземат активности во склад со Уставот кои директно водат кон чадорот на НАТО и кон најефикасна заштита во ваква сериозна надворешна опасност по унитарноста на државата и територијалниот интегритет во земјата. Несфатливо безгласно и спокојно од надлежните институции се следи повикот за бојкот на референдумот, пропаганда што директно го загрозува членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, два врвни национални и стратегиски, безбедносни и економски интереси на државата.

Најголемата одговорност за оваа погрешна проценка на ситуацијата и на непрепознавање на опасноста ја имаат владата, премиерот и претседателот на државата, кои ги имаат механизмите и законските овластувања и должност да ги спроведат сите мерки за зачувување на безбедноста на државата и нејзините граѓани. Откако почна дијалогот меѓу Белград и Приштина за корекција на границите и размена на територии тие до денес не презедоа ништо, ниту пак ѝ покажаа на јавноста дека ја следат ситуацијата.

Додека светот со голема загриженост предупредува на опасност од нови балкански судири поради територијални ревизии, кај нас се водат битки како да се спаси Македонија од НАТО и од ЕУ оти тоа членство означува прифаќање на капитулантскиот договор со Грција, а не опасност на која предупредуваат и светските највлијателни државници и политичари и најквалификуваните аналитичари на балканските состојби. Глуво поминаа во овдешната јавност предупредувањата на Јануш Бугајски, познат експерт и соработник на Центарот за анализи на европската политика во Вашингтон. Бугајски укажува на голема опасност дури и ако се исполнети сите услови за мирна размена на територии и луѓе меѓу Србија и Косово. Промените на границите во Западен Балкан се оптоварени со опасности и ќе се толкуваат во целиот регион како легитимирање на националната хомогенизација. Со други зборови, тоа би значело отворање на Пандорината кутија за нови прекројувања на границите и крвави судири, отфрлање на принципот на мултиетничност, барањата за еднонационални држави што би ескалирале и би довело да распаѓање на неколку земји. Западните институции и силите на НАТО може да се најадат неподготвени за бранот на нестабилност што би можел да го зафати регионот, предупредува Бугајски.

Територијалните разграничувања, вели соработникот на Центарот за анализи на европската политика на Вашингтон, ќе ја зголемат поддршката во Косово за обединување со Албанија. Таквиот интензитет може брзо да се прошири на Македонија. Заканите за територијалниот интегритет на Македонија ќе го поттикнат етнонационализмот, ќе го поткопаат договорот со Грција и ќе ги вовлечат Бугарија и Албанија во проширен конфликт.

Што мислите – дали премиерот, надлежните министри, претседателот на државата, членовите на Советот за безбедност, политичките лидери, поголемиот дел од јавноста го читаат ова, и ако го читаат дали го разбираат. По сè изгледа дека нашите надлежни институции и политичари не ја согледуваат опасноста од нови граници во соседството.