Кој го задуши Илинденското востание

Ерол Ризаов

Предлогот „Илинденска Македонија“ не потраја ни 10 дена колку Крушевската Република. Востанието овој пат беше задушено само за еден ден. Овој пат тоа не го направија Османлиите. Арно ама, се покажа и на двете страни, и во Грција и кај нас, кои се тие сили што влечат назад и не сакаат никакво решение. Да се негира реалноста за можното и да се бара целосно прифаќање само на сопствениот предлог, тоа не значи ништо друго, туку да пропаднат сите обиди Македонија да се интегрира во Европа, да стане сојузник на НАТО уште годинава, а по седум-осум години да биде во Европската Унија како рамноправна членка, а со тоа да се оствари најзначајниот стратегиски приоритет и најголемо историско достигнување на независна Македонија.
Покрај за Грција, и за Македонија случајот со Македонија е сериозен тест и за цела Европа, ОН и Америка дали како и досега ќе победат конзервативните сѐ уште непрегазени од времето квазипатриоти, или ќе победи демократијата, разумот и европскиот дух на компромис. Конечно, кога веќе е на повидок решение моќните европски лидери и институции треба порешително да се ангажираат да се стигне до чесен и одржлив компромис за името. Без тоа, стратегијата на ЕУ за Балканот ќе пропадне.
Во Грција опозицијата влезе во предизборна кампања, откривајќи го значењето на зборот „Илинденска“. Мицотакис помладиот Илинден го преведе со иредентизам. Кај го виде тоа во востанието од 1903 година за време на владеење на Османлиското Царство само тој знае. Колкав ли иредентизам била борбата на Грција за истата таа работа додека не успеа да се ослободи од турското владеење. Очигледно, радикалните изјави на Мицотакис одат во иста насока како на неговиот татко, никогаш да не се најде никакво решение кое би овозможило на северниот сосед европска иднина.
Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, исто така, има јасен и конзистентен став никогаш да не се најде заемно прифатливо решение ниту, пак, какво било решение кое ќе го содржи зборот Македонија во името на северниот сосед. Според своите јавни изјави, цврсто е определен Македонија да не стане членка на НАТО и на ЕУ, а за тоа да не биде виновна Грција. Неговите пресметки јавно искажани се насочени кон тоа македонскиот парламент да не може да изгласа решение во кое се содржани сите грчки барања, а за неопходноста од промена на македонскиот Устав ја даде најлицемерната изјава чуена досега во 25-годишните разговори и преговори за името – дека уставната ревизија и промени мора да се направат не само поради ерга омнес, туку да не оди премиерот Зоран Заев во затвор, бидејќи прифаќање на промена на име на државата без уставни промени е кривично дело, па премиерот поради тоа може да заврши во затвор. Е, сега, кога ја слушна понудата за ерга омнес со „Илинденска Македонија“, веднаш се врати на своите гусли за иредентизмот.

Во Македонија опозицијата и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски ја играат истата улога како и Киријакос Мицотакис и неговата опозициска политичка партија. Додека Мицотакис вика мора да се менува уставот, Мицкоски вели не смее да се менува уставот на државата. За секој случај, и името „Илинденска Македонија“ не е прифатливо вака кажано без документи, треба да се разгледаа писмениот документ, па да се продискутира, да се направат неопходните консултации, па дури тогаш партијата ќе може да го одбие предлогот како што си е редот во една демократска партија како што е ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов има многу сличен став со неговиот колега претседател на Грција, Прокопис Павлопулос, разликата е само во тоа што Павлопулос е добро информиран, а нашиот ништо не му кажувале, па немал доволно информации да заземе став. Кога ќе му го достават предлогот написмено ќе размисли, па ќе си го каже ставот. Претседателот Иванов кога размислува тоа не значи дека мора и нешто да смисли, исто како и кога нешто кажува тоа не значи дека мора нешто и да каже.
Она што најмногу е неопходно по еуфоријата со името „Илинденска Македонија“ и по шокот и разочарувањето што стасаа од официјална Атина за само еден ден, е мудрост, воздржаност и студени глави. Во Атина се намачиле како да го одбијат предлогот, а да не бидат виновни, па бараат Нимиц да им помогне иако го отфикарија со наша помош посредникот на ОН во преговорите. Сега се сетија дека „Илинденска Македонија“ не е во рамките на предлозите на ОН, а сѐ што е во рамките на ОН, а е прифатливо за Македонија категорично одбија. На пример, „Република Македонија – Скопје“.
Исто така, посебно треба да се води сметка за итрината со која се одбива предлогот, а се прифаќа ставот за ерга омнес доколку се прифати името „Илинденска Македонија“. Тоа е грчкиот начин на преговарање да се земе од пакетот тоа што е во нивни интерес, да се фрли другото и да се почне од почеток. Преговорите така почнуваат одново и одново без ниту една отстапка од страна на Грција. Името „Република Илинденска Македонија“ е со ерга омнес предзнак, кој може да помине во Собранието и да издржи уставни промени. Другите имиња, кои ги предлага грчката кума со предзнак ерга омнес, можат да бидат прифатливи, но без промена на македонскиот Устав.
Дали тука ќе се закочат работите на голема радост на противниците да се најде прифатливо решение и во Грција и во Македонија? Ќе победи ли темната страна на Балканот?