Косово со официјална жалба до Албанија за воведувањето патарина на „Патот на нацијата“


Косово денеска официјално и врачи жалба на Албанија поради воведувањето патарина на автопатот што ги поврзува двете земји.

Косовскиот министер за инфраструктура Пал Лекај му ја врачи жалбата на албанскиот амбасадор во Приштина Кемал Минџози.

Сто и десет километри долгиот автопат Тирана – Кукс – граничен премин Морина (на границата со Косово), наречен „Патот на нацијата“, се користи активно како од транспортни фирми, така и од бројни туристи од Косово. Воведената патарина се движи од 2,5 до 22,5 евра.

Автопатот е даден на 30-годишна концесија на меѓународен конзорциум, кој ќе се грижи за одржување на патот и собирање на таксите.