Комбиња од Министерство за земјоделство ќе се пренаменат за Брза помош


Осум комбиња од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе бидат доопремени и пренаменети во амбулантни возила, иако се стари неколку години. Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека се соодветни и во одлична состојба. Од Министерството за земјоделство велат дека станува збор за осум комбиња кои ги набавила претходната влада. Ги даваат бидејќи не соодветствувале на потребите на Министерството. Станува збор за комбиња од марката „пежо боксер“ произведени во 2012 година и речиси неискористени.

До крајот на месецот, пак, службите за Итна медицинска помош треба да ги добијат и новите дванаесет амбулантни возила кои ќе бидат распределени низ градови во земјава, a најмногу во Скопје. Со новонабавените возила и оние што ќе бидат пренаменети министерот е убеден дека ќе се надополни капацитетот на возила што недостигаат во Итната помош.

„Со одлука на Владата ќе преземеме осум комбиња од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство што биле наменети за некоја друга намена, но ќе може целосно да се пренаменат да бидат амбулантни возила и ќе се доопремат. Иако се стари неколку години, практично не се користени и се одлични и соодветни за амбулантни возила“, посочи Филипче.

Меѓутоа, во службата за итна медицинска помош имаат и друга мака, освен повеќето возила што фалат, и оние што ги имаат често се расипуваат. Недостига и кадар за да одговори на потребите на граѓаните. Министерот Филипче ветува дека по претседателските избори во Здравствениот дом – Скопје и во другите градови ќе бидат вработени 40 нови доктори, а вработувања ќе има и во службите во другите градови.

„Сите млади лекари по лиценцирањето и завршувањето на стажот во Лекарската комора ќе добијат шанса за работно место токму во оваа служба. Сите доктори што ќе завршат во нашата држава ќе добијат платено работно место за време од предвидениот стаж од шест месеци, согласно измената на Законот за здравствена заштита. На тој начин ќе им биде овозможен влез во здравствениот систем. Верувам дека ќе ги стимулираме и да се надградуваат дополнително, на начин на кој ќе почнат да ги добиваат знаењата и искуствата на основно ниво на примарна здравствена заштита во сферата на Итната медицинска помош. Овој тренинг што сега го воведуваме ќе значи наградување на нивната експертиза, а на тој начин ќе бидат мотивирани и да останат да работат во нашата земја. Ова е стаж што доаѓа по оној на клиниките, тоа е практично платена работа, ем ги задржуваме во нашиот систем и ги стимулираме да останат во државата ем се платени за работата и да учат од постарите колеги, со што ќе го надополниме бројот на доктори што недостига. Годишно во нашата држава на трите медицински факултети дипломираат близу 250 млади доктори и за нив се обезбедени средства и, веднаш по завршувањето, односно лиценцирањето ќе бидат внесени во нашиот здравствен систем“, додаде министерот.

Тој рече дека во тек е изработката на физибилити-студијата за јавно-приватно партнерство, која ќе покаже дали таков модел на функционирање може да се примени и тука. Студијата за јавно-приватно партнерство за Брзата помош е во изработка по што ќе следуваат анализи дали во државава треба да се спроведе ваков модел во неа.

Инаку, тендерот за изработка на физибилити-студијата и анализата на можностите и капацитетите на услугата Брза помош и домашна посета, со цел изнаоѓање најдобар модел за воспоставување јавно-приватно партнерство, го доби Друштво за вештачења, консалтинг и обуки „Басме-КТ“ ДОО Скопје. Министерството за здравство рече дека планираат и јавно-приватно партнерство со физибилити-студија за други здравствени установи.

„Во овој момент заедно со Фондот за здравствено осигурување правиме финансиска анализа за многу институции, како регионални болници, центри за физикална терапија, за сите институции кои имаат многу трошоци, а немаат ефикасно и ефективно работење, да вложи приватен партнер согласно практиките во развиените земји“, подвлече Филипче.

Вероника Мароска-Леова