Конкурс за Ќосе

Ерол Ризаов

Последен час е кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов во консултации со научните експерти и негови советници да распишат јавен оглас за нов Ќосе што ќе го ликвидира предавникот и непријател број 1 на Македонија , Зоран Заев, и ќе ја заврши работата како што треба, според добрата традиција на револуционерната организација и според насоките на научниците од 21 век кои му ги дадоа најважните совети на претседателот во одбрана на територијалниот интегритет на татковината која е во голема опасност. Досегашните јалови обиди со изолација, затварање и со кршење на главата на Заев не ги дадоа очекуваните резултати и нанесоа голема штета. Тие неуспешни обиди доведоа дотаму да се изгуби власта и дефинитивно мнозинството да одлучува и конечно да паднат Груевски и груевизмот, единствената брана за спас на Македонија.

Во образложението на претседателот Иванов испратено до парламентот, ептен научно издржано и за чија подготовка се консултирани познати академици и универзитетски професори, точно се наведени сите причини зошто Заев треба веднаш да се убие. Тоа „селанче од Струмица“ испадна сосема неочекувано, имал букова глава и арнаутски инает и премногу тврдоглаво почнал да менува нешта што треба да си стојат на своето место, оти таму тежат најмногу. Камењата длабоко закопани под земја не треба да се вадат, оти после лесно се трклаат. Поради откопување на злото и изнесување на ачик, Македонија е пред ново големо предавство и разнебитување. Се распродаваат уставното име на државата, идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик. Ечат камбаните за тревога, се обезличува Македонецот.

Се склучи срамен договор со Бугарија, се подготвува капитулација пред ултиматумот на Грција со петоколонашки пакт со ЕУ и со НАТО. На повидок се исти такви, ако не и полоши штетни договори со Србија, со Албанија, со Косово и со сите поранешни републики на Југославија. Сите доброкомшиски односи се на штета на Македонија.

Во земјата почна интензивен процес на албанизација и напад врз унитарноста на државата. Албанците и нивните јатаци и соработници меѓу Македонците и другите народи што живеат во Македонија јазично ќе ја окупираат целата земја. Законот под вето на претседателот веќе ги навестува процесите на исчезнување на македонскиот јазик сосе државата и сосе Македонците. Замислете во некоја деловница на банка во Чаир и во една библиотека во Куманово вработени од вчера им се обраќале на клиенти на албански јазик. Страшно. Објавени се автентични сведоштва на социјалните мрежи за тој непријателски чин. Судија го прашал обвинетиот дали сака да му се суди на неговиот јазик, овој одмавнал со раката, иако пред десет години кога прашале истото прифатил. Ич не му олеснало тогаш што на негов мајчин јазик му кажале дека ќе лежи пет години во Идризово. И мене ми се случи шок. Во ПИОМ службеникот на шалтер ми се обрати на турски. Му велам со сите ли зборуваш на турски. Се смее, таман работа, додека се разбереме ќе има редица до плоштад, ме препознал, па како Турчин, редно било да се обрати на турски. Во болницата одамна гледам на ѕидовите соопштенија на разни јазици. Фејсбук јавува дека кучиња уличари почнале да лаат на албански. Ете, затоа света должност е на секој патриот да ја спроведе фатвата против Зоран Заев и да се ликвидира веднаш. Името на новиот Ќосе кое ќе ја изврши задачата ќе биде запишано со златни букви во историјата на македонскиот народ како херојски чин во одбрана на татковината од надворешниот и домашниот непријател.

Оваа света должност мора да се заврши што побргу додека трае мандатот на претседателот Ѓорге Иванов да може националниот јунак да биде заштитен и веднаш аболиран од судски гонења, а потоа да биде одликуван со најголемото признание за заслуги за народ. Ќе му следува и национална пензија и сите принадлежности и привилегии како на заслужен деец и револуционер. По примерот на ветото за законот за употреба на јазиците на претседателот Иванов со неговите научни тимови и соработници може да се запрат сите процеси кои водат кон ЕУ и НАТО. Тимовите може да се менуваат според потребите на претседателот кој добро ги знае, како и цела Македонија, ставовите по одделни прашања на академиците и на своите колеги универзитетски професори, така што ќе се формираат разни научни корпуси предводени од каракамишеви и караќелеши кои ќе ги прават уставно и законски издржани образложенијата за вето. Еден брилијантен научен тим за одбрана на уставното име, втор врвен научен тим за одбрана на јазикот, трет научен тим за одбрана на името и на идентитетот, четврти научен тим за одбрана уставот, петти научен тим за одбрана на претседателот. И така со ред саде научни тимови за вето.

Во суштина, без ниту еден збор иронија кажано искрено од душа и од срце ова е една многу тажна приказна како во одреден миг проработува и се разгорува нешто што тлее длабоко потиснато во свеста, па интелектуалните лидери во борбата против режимот и против политиките на Груевски и за демаскирање на груевизмот стануваат истомисленици со претседателот Иванов во еден фашизоиден проект на ограничување на употребата на другите јазици во одбрана на ариевската каста, бидејќи албанскиот јазик на тој начин ќе ги загрозел македонскиот и другите јазици што се зборуваат во Македонија. Се цитираат членови на Уставот и на разни закони, се пишуваат научни анализи и разни популистички шовинистички трактати колку е опасно да се прошири употребата на другите јазици, особено на албанскиот. Недостигаат уште шаторите пред Собранието и паролите „Шиптари во гасни комори“, па да произведеме нова генерација на вмровски политичари. Беса Арифи од вчера е прогласена за позната албанска шовинистка оти прашува во свој текст кога универзитетските професори советници на претседателот Иванов ќе почнат штрајк со глад како некогаш денешните јастреби без канџи на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш бараа да не се дозволи употреба на албанскиот јазик во Вишата педагошка школа, па потоа дадоа многу повеќе.

Сѐ ми се чини дека сето ова што ни се случува сега како да се подготовки за враќање на груевизмот, дали со Груевски или со Мицкоски на чело сеедно. Ова враќање може да биде само со 61 пратеник, поинаку ВМРО-ДПМНЕ не може да дојде на власт. Која е таа албанска партија што ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ по сето ова што го прави партијата и нејзиниот претседател на државата? А, кога ВМРО-ДПМНЕ владее со 61 пратеник, ги видовме последиците, за една деценија од први станавме последни на Балканот, најсиромашни и најнесреќни.

Кога независноста на државата ќе се стекне без ниту еден испукан куршум и без ниту една жртва, одземањето на слободата изгледа не е многу тешка и загрижувачка работа. Напротив, станува посакувано камшикување бидејќи понизноста во сиромаштија е гаранција за сигурно преживување.

И уште нешто, зошто толкава омраза и нетрпеливост меѓу разните народи на Балканот. Одговорот е оти сите се исти каде што се мнозинство, а по сѐ изгледа и кај што се малцинство.