Кинотека на Македонија: Три филмови од режисерки ќе се прикажат до 10 март
Со три филма од жени-режисери Кинотеката на Македонија во наредните три дена ќе го одбележи Денот на жената 8 Март.
Утревечер ќе биде прикажан 155-минутниот „Викторија“ на бугарската режисерка Маја Виткова од 2014 година, кој е прв бугарски филм прикажан на филмскиот фестивал на независен филм „Санденс“, каде што добил позитивни критики. Дејството се одвива во 1979 година, десет години пред распадот на системот и Источниот блок. Списанието „Њујоркер“ го вброил овој филм на четврто место на најдобри филмови за 2016 година.
На 9 март (петок) ќе биде прикажан српскиот „Непослушни“ – дебитантски филм на Мина Џукиќ од 2014-та. Идејата на авторката била тој да послужи за препознавање на проблемот околу дистрибуцијата и гледаноста на домашните арт-хаус филмови или да иницира промени на проблемите во таа област.
Тридневната ревија на филмови од жени ќе заврши во сабота со хрватскиот омнибус „Некои нови приказни“ во која е вклучена и македнската режисерка Марија Џиџева, како и Ана Марија Роси, Хана А.В. Слак, Инес Тановиќ и Ивона Јука.
Филмот е од 2010 и е составен од пет кратки филма на режисерки од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Словенија. Омнибусот имаше проекции на повеќе од триесет филмски фестивали низ светот и беше на репертоарот на кината во соседните земји.
– Сите се во режија на авторки од Балканот, со што сакаме да им оддадеме почит и признание на жените филмски творци кои сè повеќе се на број во нашата средина и култура, соопшти Кинотеката.