Касами и Гаши и натаму спорат чија е Беса


Борбата за партијата и за името на Беса добива на нов интензитет. И двете крила на оваа партија не попуштаат и инсистираат да го користат тоа име. Откако Основниот суд во Скопје одлучи дека Билал Касами е вистински претседател на движење Беса, тој преку прес-конференција ја поздрави оваа одлука и најави кривични пријави за сите лица што ќе бидат против оваа судска одлука.

„Појавувањето на движење Беса придонесе за демократизација на политичката сцена во Македонија, го намали чувството на непријателство меѓу политичките партии, но и ги зголеми надежите на Албанците во Македонија за поголема и подостоинствена застапеност во креирањето на политиката во земјава. Но изгледа дека успехот на Беса беше пречка за многу страни што беа решени да напредуваат преку стари политички размислувања и кои, за жал, преку клиентелизмот успеаја да се вклучат во Беса и да ни наштетат. Судот одлучи тоа што ние го изјавувавме повеќе пати, дека има само едно движење Беса, а тоа сме ние. Со оваа одлука се одбива неоснованото барање на другото неформално крило и им се стави до знаење дека партиските органи се одбираат од партиските членови. Против сите тие што во иднина нема да застанат зад движењето Беса, но ќе продолжат да го злоупотребуваат нашето име, ќе бидат преземени соодветни мерки според законите на Македонија“, рече Касами.

Но, и покрај судската одлука во корист на Касами, крилото на Африм Гаши инсистира дека Касами нема легитимност и дека поранешниот лидер фалсификувал документи, за што кривично ќе одговара.
Генералниот секретар на скопското крило на Беса, Зејд Реџепи, уверува дека одлуката што ја донел Основниот суд е донесена врз база на лажирани и фалсификувани документи и затоа спорот за тоа кој е легитимен лидер на ова движење и натаму останува отворен.

„Откако неколку фалсификатори на документите на партијата преку прес-конференција изјавија дека имаат легитимитет врз партијата, сакаме да ја известиме јавноста дека ова е уште еден обид да го измамат народот. Всушност, се работи само за првостепена одлука која е донесена врз основа на фалсификувани документи од претходниот правен застапник и лидер на Беса, но судскиот спор продолжува натаму“, рече генералниот секретар на скопското крило на Беса, Зејд Реџепи.
Тој додаде Основниот суд во Скопје повторно ќе се изјасни бидејќи е во исчекување на одлуката на Управниот суд за поднесената кривична пријава од нивна страна до Јавното обвинителство поради фалсификување документи. Се очекува првостепената одлука наскоро да биде сменета.

Блерим Исмаили