Кадифе

Лејла Сабит

Мазно на допир, ама носи силна порака.

На црвениот килим, на барикадите или меѓу детските играчки.

Не секоја жена избира кадифе за гала-настан, не секој маж предводи кадифена револуција ниту, пак, секое дете сака да си игра со кадифено мече.

Една е Анџелина Џоли, еден е Вацлав Хавел, и среќни сме што сме онаа генерација што заспиваше на цртаните филмови со мечето Ушко.

Кадифето избира дами, зрачи со оригинал, не се носи секој ден ниту, пак, лесно се одржува.

Бара внимание, познавање, стил, иако ова време се усоврши на кич, на фалсификати и на неоригиналност.

Секој секого копира, не се бара квалитет туку квантитет, никој не сака да мисли со своја глава ниту сам да избира кога има стилисти и лични купувачи. Плати и уживај.

„Луј Витон“ е најкопиран бренд во светот. Има свои поклоници и во Скопје. За жал, никој не знае кој шета оригинал, а кој фалсификат. Може да погодуваме по паричникот. А и што е важно ако никој не забележи. На крај, во „витон“ ужива само тој што го носи, а не тие околу него.

Кај нас е ин дали си учествувал во шарена или слична револуција, ама на квиз би изгубиле за револуциите од историјата.

Нашите деца не растат со Том и Џери, кога можат со „лего“, со „плејстејшн“, покрај компјутер. Ретко кој заспива во 19:30, сите играат доцна до ноќта, сами, со родителите или со нивно друштво.

Дами, проверете во орманот на мајките дали виси кадифен фустан или комплет. Од она време, а не од ова, со ликра. Јас си го пронајдов. Виолетов и мек на допир. Нема цена, а има историја. Модата, колку и да е револуционерна, се враќа на корените.

Да живее ретрото!