И ние сме силувани од извршители…


Ерол Ризаов

Мислам дека добар уредувачки потег би бил некој од весниците да отвори рубрика: „И ние сме силувани од извршители и разни други крлежи“, кои им ја пијат крвта на граѓаните под заштита на државата озаконувајќи грабеж. Повод за ваквата колумна не е светскиот тренд „Ми ту“ за мобингот што е вршен врз холивудските ѕвезди и нивните страдања на патот до успехот, туку јавното обраќање на нашата сограѓанка Ѓуксен Мамут, во чие искуство на спречување обид за кражба, се препознаа илјадници граѓани како жртви на брутално посегнување по нивниот џеб.

Г-ѓа Ѓуксен ги фати живи арамиите. Еве и како. Извршители ѝ врачиле решение под итно да плати заостаната сметка за парно греење во 2013 година со која се барала наплата на 12.900 денари. Толку според Законот за извршување нараснале трошоците од 3.900 денари. Таа ја опишува својата одисеја снимена на мобилен телефон при средбата со извршителите. Прво љубезно, па остро, до закана за присилна наплата на „неплатената“ сметка за пет години. Тука има десетина разни ставки, толку за ова, толку за она, толку за буџетот, олку за извршителите, судски трошоци и оп 12.900. Така вели Законот. И еве го сега пресвртот. Нашата сограѓанка оди дома и ја наоѓа уплатницата дека ја има платено сметката. Каква среќа. И, ете, нова драма кај извршителите. На крајот ни крива ни должна сепак мора да плати извесна сума на правда на Бога. И сега прашањето е што со граѓаните што не успеваат во домашните архиви да ги чуваат сметките три, пет, десет, па и повеќе години.

Дали има закон што им овозможува на компаниите со арамиска метода да ви пратат извршители бидејќи во јуни 2008 година не сте платиле или сте платиле, а немате сметка за парно греење, иако пред тоа 20 години и потоа десет години редовно сте плаќале сметки за парно греење без ниту еден месец заостанување. Ете, мене тоа ми се случи. Ми дојде решение во кое другарот Сталин ме прашува кај си бил на 23 јуни 2008 година во 10 часот претпладне. Одам кај него и му викам аман, не можам да се сетам пред толку години кај сум бил на тој датум и во толку саат. Е, ако не можеш да се сетиш, ми вели Џунгашвили, ќе платиш наместо 2.000 нешто повеќе од 10.000 денари. Добро велам, среќен, само не ми ја земајте покуќнината и не ме стрелајте.

Направив едно мало истражување и еве што открив. Граѓаните не се должни да ги чуваат платените сметки. Ако компаниите не можат да наплатат, ни по пат на судска постапка во одреден рок, тогаш нема место за наплата преку извршители. Но, што се случува: судовите ги дадоа илјадниците предмети на извршителите сосе судски печати, а овие си штанцаат наводни тужби во предвиден рок, како компанијата навремено да ве тужела и како вие да сте биле опоменати од судот и од компанијата и конечно добиваат тазе пресуда за бајата работа, која извршителите треба да ја реализираат според законот. Не знам дали компаниите и извршителите сѐ уште ги имаат овие судски печати на самоволие и арамилак, ама ова собирање арач ми наликува на тоа.

Кога отидов на касата на Топлификација да ја платам казната оти не знам кај сум бил на 23 јуни 2008 година, излегов потресен од глетката што ја видов. Таму чекаа луѓе како за леб по земјотресот во Скопје. Сите со пресуди во рацете да платат десетици и десетици илјадарки за централното ладење до замрзнување. Откако е воведен системот за наплата преку извршители, наплатени се преку милијарда евра од извршни постапки. Секоја година од 2006 година наваму се наплаќаат по стотина милиони евра неплатени долгови што од компании, што од граѓани.

Е, тука веќе медалот има и една посветла страна. Многу луѓе и фирми воздивнаа благодарение на извршителите, односно на извршните постапки. Едни други хохштаплери кои одбегнуваат да ги платат долговите се најдоа на удар на законот и на извршителите што колку толку влијае на подобрување на финансиската дисциплина и донекаде се спречува одбегнувањето да се платат долговите, што е своевиден криминал кој доби размери на епидемија. Во еден период ситуацијата меѓу компаниите дојде дотаму што обврските ги плаќаше само оној што мора да плати.

Но она што во случајот е предмет на заштита на правата на граѓаните е неопходноста од крајна внимателност во постапките кога граѓаните се доведуваат до апсурдна ситуација по долги години да докажуваат дали платиле или не некоја сметка поради нечија неажурност. И она што е најстрашно, мора да се намали висината на трошоците, кои повеќе наликуваат на драконски глоби за нечиј јавашлак и неработа, отколку на една нормална постапка за наплата на побарувањата на комуналните и услужни компании.

Со банките и кредитите приказната е сосема поинаква. Таму пред да потпишете читајте ги членовите од договорот за задолжување со најситни букви, таму се крие ѓаволот. Откако тоа ќе го прочитате и ќе си го направите есапот, тогаш одлучите дали ќе потпишете заем. Оти после ви нема спас. Банкарите наплатуваат долгови од држави кои не постојат, а не од вас. Наследниците на поранешна Југославија, иако уште не си го поделиле наследството, си ги плаќаат долговите уредно, бидејќи банкарите први ги признаа државите по распадот на Југославија.

Има махери и за банкарите. Тие се ептен големи арамии со убави костуми, бели кошули и вратоврски. Земаат на заем милиони евра на име на имот што не вреди толку. Не ги враќаат парите ниту, пак, имале таква намера. Кога банкротираат и прогласуваат стечај честат или уживаат во некој рај на другата страна на Земјината топка. Ги изигруваат сите што работеле за нив, а банките и доверителите од нивниот преценет имот не можат да наплатат ниту една десеттина. Тука не помагаат ни извршители, ни свети извршители. Такви многу се намножија во Македонија. Ем банкротирани ем аздисани од богатство на туѓа сметка ем должни, ем бесрамни, ем арогантни со вашите пари. До кога ваквите арамии ќе шетаат слободно во Македонија како пауни пред своите осиромашени жртви.