И борците за права се одговорни пред закон

Александра М. Митевска

Едмонд Темелко, по два месеци, го напушта притворот во „Шутка“ и се сели во домашен притвор. Оваа одлука на Кривичниот суд во Скопје стана позната за време на викендот. Она што не е познато се мотивите што биле пресудни за ублажување на мерката за обезбедување присуство на Темелко за време на судскиот процес кој се води против него, а кој произлезе од „бомбите“ на некогашната опозиција.

Дали главна причина за тоа, навистина, е влошената здравствена состојба на Темелко или судиите попуштија под политичкиот притисок за негово ослободување, кој доаѓаше најмногу од ВМРО-ДПМНЕ? Или, можеби, одлучувачки беше советот што премиерот Зоран Заев го испрати од собраниската говорница – да се избегнува мерката притвор, освен кога станува збор за убиство или за повторување на делото. Темелко, секако, не спаѓа во овие категории, освен што едно време беше распишана потерница за него поради сознанија дека, и покрај забраната, ја преминувал државната граница.

Во неделата, веста дека Темелко излегува од „Шутка“ резултираше со одложување, но не и со откажување, на протестот што опозициската партија го најави во Скопје. На тој протест, Темелко, веројатно, требаше да биде претставен како борец за човекови права и жртва на политички прогон, како што беше прикажан во парламентот, кога на Заев му беше поставено прашањето дали чувствува грижа на совест – и тоа поради една одлука за притвор на судството кое до скоро изрекуваше ваква мерка речиси без исклучок и беше нарекувано „сваровски“.
ВМРО-ДПМНЕ, следната недела, сепак, ќе протестира „за правда и правдини“, иако, по заминувањето на Темелко дома, во „Шутка“ не остана ниту еден обвинет за случаите што ги покрена Специјалното јавно обвинителство. Секако, ако не се сметаат двајцата бегалци што беа уапсени во Грција и за кои се бара екстрадиција.

Со предметот „Титаник“, кој е еден од носечките што произлегоа од снимките од прислушуваните разговори, впрочем, се опфатени многу покрупни политички фигури од градоначалникот од Пустец кој ги рашетуваше своите соселани од Мала Преспа низ гласачките места во македонската престолнина за време на претходните локални избори, запишувајќи ги по дваесетина на една адреса на стан од триесетина метри квадратни. Во таа операција на изборен инжинеринг и гигантски нерегуларности, според обвинението на СЈО, биле вклучени највисоките функционери во тогашниот владин кабинет на Никола Груевски, почнувајќи од министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски до шефот на премиерскиот кабинет и секретарот на владата.

Од сите нив, единствено Темелко заработи притвор и 60 дена престојуваше во „Шутка“. Тоа не е малку, ама не е ни премногу во споредба со многу подолгите притвори што беа изрекувани во изминатите година за полесни кривични дела од учество во изборни нерегуларности. Тогаш, врисоците што доаѓаа од многу страни, а не само од тогашниот опозициски табор – дека се злоупотребува притворот и дека од мерка се претвори во казна, ретко кога допираа до судиите. Овој пат, крикот за болеста на градоначалникот од Пустец, сепак, стигна до третата власт.

Лошата здравствена состојба, секако, дека треба да биде олеснителна околност при одредување на мерките за обезбедување на обвинетите за кој било случај и за кој било обвинет. Истото важи и за Темелко, иако јавноста нема јасна претстава со какви здравствени тегоби и дали се соочува тој.

Од друга страна, за градоначалникот од Пустец не можат да бидат олеснителни околности и „комплиментите“ што му ги дава актуелната опозиција, нарекувајќи го „политичка жртва“ и „борец за права“. Снимките од прислушуваните разговори што ги објавуваше СДСМ, всушност, укажуваат дека вистински политички жртви во случајот „Титаник“ се изманипулираните „човечиња“ од Пустец, на кои пред се им била доделена улога да ја саботираат тогаш извесната смена на власта во општина Центар. Ако, и покрај тоа, се согласиме дека Темелко е борец за права – дури и тоа не го амнестира од одговорност пред законот. И борците за човекови права може да одговараат за (изборен) криминал – доколку судот процени дека се, навистина, виновни.