ИЈЗ: Регистрирани 637 новозаболени лица од грип


Во текот на изминатата недела (од 15 јануари до 21 јануари), во Република Македонија се регистрирани 637 новозаболени лица од грип, што е зголемување за 74 отсто споредено со неделата пред неа (од 8 до 14 јануари) кога беа регистрирани 428 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 2.417 случаи, постои значително намалување на бројот на заболени во третата недела од годинава, кое изнесува 73,6 отсто.

Најголем број заболени – 412 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 61,1 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (187) и највисока инциденца 156,1 на 100.000 жители се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар.

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 2.393.

Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона кога имаше 31.735 заболени.

Досега, најголем број заболени лица – 595 се регистрирани во Подрачната единица Гостивар и 348 во Центарот за јавно здравје Тетово, а највисок број пријавени од 897,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Дебар.

Во текот на третата недела од годинава во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје тестирани се 13 материјали за грип. Од тестираните материјали, еден е позитивен за присуство на вирусот на инфлуенца B (Yamagata).