Интервју со Мила Царовска: Ниту едно дете нема да остане во Домот „25 Мај“

За десетина дена Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ќе почне да ја спроведува реформата наречена деинституционализација – долгогодишен процес кој ќе ги „вади“ децата и луѓето од институциите како што се: „Специјален завод Демир Капија“, Заводот „Бања Банско“, Домот за доенчиња во Битола, ЈУ „25 Мај“, а понатаму и од старските домови и психијатриските болници. Ќе бидат опфатени деца без родители, деца со нарушено поведение, деца и возрасни лица со физичка и ментална попреченост… Први ќе излезат 25 деца од „25 Мај“, установата која во февруари предизвика револт во јавноста, откако се објави дека 13-годишно девојче, сместено таму, абортирало како жртва на сексуално злоставување и трговија со луѓе. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за „Независен весник“ објаснува каде и како во иднина ќе се сместуваат штитениците на сегашните гломазни, нехумани и нефункционални институции.

Кога ќе почне и како ќе се спроведува деинституционализацијата? Најавивте реформа што ја имаше и порано, но некако не профункционира?

-Деинституционализацијата во Македонија почна уште во 2005 година. Имало први обиди и во тие обиди е создаден Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака“ Неготино (основан од родители кои сакале да создадат подобри услови за нивните деца со попреченост), при што околу 80 луѓе биле префрлени од Демир Капија во Неготино. Има единица и во Скопје, во Визбегово. Тоа е нешто што се случувало во минатото, но затаи, затоа што не било системски добро поставено. Во емотивен налет ги извадиле луѓето од „Демир Капија“, но десет години се останало на тие 80 луѓе. Ние го обновуваме процесот и ќе го водиме така да не застане во ниту еден момент. Оперативниот план е за 2018 година. При крајот на 2018 ќе донесеме план и за следните три години. Ќе одиме чекор по чекор, за да ги видиме ефектите. Нашата заложба е до 2020 година да нема деца во институциите, туку да бидат сместени во мали единици што ќе ги почитуваат човековите права и ќе се грижат за квалитетен раст и развој на децата. Политичка волја постои, постојат одредени капацитети и Владата има лидерска позиција во тој процес.

Фото: Борис Грдановски

Од кои институции ќе излезат првите деца и каде ќе ги сместите?

-ЈУ „25 Мај“ прва ќе се трансформира, сега во јуни. Во еден налет ќе ги извлечеме сите 25 деца , во пет групи по пет деца и ќе бидат сместени во мал групен дом во Скопје. Станува збор за деца со нарушено поведение, со воспитно-социјални проблеми. За голем дел од нив некогаш имаме потреба од интервенција на лекар психијатар, на психотерапевт, кои и претходно работеле со нив. Затоа е добро првата група да остане во Скопје. Во оваа реформа се вклучени и вработените и децата. Нивната подготовка е почната пред месец и пол. Исто така во јуни, од Демир Капија  во Неготино ќе се преселат седум деца со тешка и најтешка попреченост. Ќе бидат сместени во мали единици каде што ќе имаат 24-часовна грижа и квалитетот на таа грижа ќе биде подобар. Во меѓувреме, ги подобруваме условите во Демир Капија – ги реконструиравме тоалетите, ставивме нови креветчиња, почна да се чисти. Некои работи може да се постигнат и само ако вработените се посветени и менаџерот се грижи да не се распаѓа установата. До крајот на годината, ќе се оспособат три единици и во Кочани. Сакаме да ги извадиме бебињата од Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Очекуваме целата институција „Демир Капија“, со 160 корисници да се трансформира за околу три години. Децата се помала група и тие ќе излезат побргу.

Дали малите групни домови се единствена опција, или ќе форсирате и згрижувачки семејства и други форми на згрижување?

Главно, причината зошто луѓето ги земаа децата на згрижување беше материјалната поддршка. Тој концепт сакаме да го смениме и да го зголемиле бројот на згрижувачки семејства. Има многу семејства кои немаат деца, кои не можат да посвојат деца, или нивните деца пораснале, па сега се сами. Тие можат да бидат најдобрите згрижувачи кои на нашата држава ѝ требаат. Да, материјалниот дел е тука, некој треба да ве плати за работата што ја работите, па главно сакаме да стимулираме згрижувачи кои со љубов ќе ја работат работата. Заедно со УНИЦЕФ од 1 јуни почнуваме кампања за згрижувачки семејства за да мобилизираме што повеќе семејства да сакаат да згрижат и бебиња и деца.

Дали ќе се зголеми и надоместокот за згрижувачите?

-И за тоа се разговара. Сега е околу 8.000 денари и е најнизок во регионот. Но, не е клучот во тоа. Тој што згрижува само заради пари тој не треба да биде згрижувач. Главно љубовта е таа поради која луѓето во светот згрижуваат, а не парите. Ќе се зајакнат критериумите, ќе има повеќе обуки и повеќе филтри за некој да стане згрижувач, за да можеме да добиеме што поквалитетни згрижувачки семејства. Со пари тоа нема да го добиеме. Сметам дека општеството треба да го препознае ова прашање како важно. Има многу семејства кои сакаат да посвојат дете, но не сакаат да бидат згрижувач, затоа што не веруваат дека ќе го добијат она што им треба. Но, не е така. Можат да добијат дете и ако тоа дете е надвор од групите за посвојување (уште нема легализиран статус, сè уште има некакви контакти со родителите), тоа дете и ќе порасне во згрижувачко семејство. Целата кампања ја водиме кон тоа дека потребата од споделување љубов постои кај секој човек, во секое семејство, особено во оние што немаат деца, или веќе ги пораснале своите деца.

Фото: Борис Грдановски

Од една страна се човековите права на лицата со попреченост, од друга страна е отпорот што сè уште го има во оваа држава кога во нивна близина ќе се најде такво лице – па имаме проблеми во образованието, во здравството, во вкупната инклузија…

-Досега, за лицата со попреченост не се зборуваше од аспект на нивниот потенцијал. За нив повеќе се зборуваше како за проблем, како некој што треба да се смести некаде, да се истрошат повеќе пари од буџетот… Ние ги бараме за да се вклучат во општеството, оти придонесуваат и за рушење на стигмата. Ако секој од нас порасне во училиште каде што имаме дете во инвалидска количка, дете со аутизам, сите ние ќе се обидеме да научиме како да комуницираме и како да се приспособиме на тоа дете. Ако луѓето со некој вид попреченост се исклучени, губиме и ние како општество. Со тоа што ги вклучуваме во училиште, во градинка, почнува да расте и општеството.

Можеби ќе им укажете и на градинките да примаат деца со попреченост…

-Ние им укажуваме, но дали треба да ги примат тие деца во група со уште 35 бебиња? Дали на бебето со попреченост може да му се понуди соодветна грижа? Ние можеме да ги оптовариме градинките, но што ќе се постигне? Затоа работиме и на квалитет и на обука на кадарот, па дури тогаш ќе можеме да зборуваме за вистинска инклузија на децата и бебињата во градинките. Во сегашната ситуација, само ќе постигнеме обратен ефект.

Ако намерата на државата е да ги вади децата од институциите долгорочно, што е со оние деца кои родителите ги напуштаат во меѓувреме? Оние кои мајките ги оставаат уште по породување, или кратко потоа?

Фото: Борис Грдановски

-Центрите и Заводот за социјални дејности се насочени кон тоа да се намали воопшто можноста тоа дете да биде сместено во институција. Заводот „Демир Капија“ има мораториум – таму веќе нема да се примаат луѓе. Затоа имаме буџетски средства да отвораме нови единици во „Порака“ бидејќи во моментот, само таа има капацитет да отвори нова единица. За бебињата, се трудиме веднаш по третиот месец да ги сместуваме во згрижувачки семејства. Има и луѓе кои не сакаат да остават дете. Велат, само да ми го чувате зимава, јас немам капацитет… Родителите кои не можат да се грижат за своите деца разбираат зошто згрижувачкото семејство е подобро од институција.

Ќе има ли нови вработувања за да работат малите групни домови?

-Сега се затвораат конкурсите за 136 нови вработувања во системот на социјална заштита. За ЈУ „25 Мај“, објавивме конкурс за 18 нови вработувања. Како што ќе излегуваат луѓето од Заводот „Демир Капија“, нема да вработуваме нови лица, туку ќе склучуваме социјални договори со партнери. Ние ќе го цениме само квалитетот и дали се исполнуваат стандардите. Старите вработени се плашат дека ако ги префрлиме кај некој социјален партнер, здружение на граѓани или слично, дека нивното работно место е нестабилно. Тие остануваат вработени во институцијата, но ќе работат во друга форма. Ова се вработувањата што ни требаат. Се трудиме да утврдиме методологија на чинење на социјална услуга. Го зедовме моделот од Словенија. Тоа е вистинскиот систем на социјална заштита, а не државата сè да држи под свое и никаде да не постигнува.

 

Која би била Вашата порака пред почетокот на деинституционализацијата до луѓето што треба да ги прифатат лицата со попреченост како свои соседи, како дел од својата општина?

-Пораката е дека ние како општество сме солидарни и дека грижата за различните во заедницата не нè прави сиромашни и не смее да нè плаши. Нè прави побогати, затоа што со растењето на малите групни домови ќе расте и нашето општество оти ќе се навратиме на општеството кое го имавме – на топлина, споделување, прифаќање на различноста. Ако се плашиме од деинституционализацијата, ние едноставно не сакаме да прифатиме дека лицата со попреченост постојат.

И многу е лесно на „Фејсбук“ одеднаш да имате лавина емоции за одреден случај, ама тешко е кога ќе ви се досели мал групен дом во дворот до вас и секој ден ќе треба да се соочувате со живеењето на овие лица. Ние, од една страна, сме многу грижливи, ама на социјалните мрежи, а во практиката тешко ни е да споделиме грижа, емоција и заедништво. Но, јас сум сигурна дека тоа ќе се случи, оти ние сме општество што прифаќа различности.

Сунчица Стојановска Зоксимовска