Интервју со Кирил Поп Христов: Ме прогонија од дома, но не им се лутам


Актерот Кирил Поп Христов повеќе од три и пол години живее во еквадорското село Манглар Алто и сега првпат по неговото отселување се врати во Македонија. За актерот, попознат како Кили за домашната јавност, нема зборови што може да ја доловат неговата енергија, топлина и убавина што ја шири од неговата душа. Неполни 10 дена откако тој се врати во земјава, направивме разговор што го водевме во неговиот дом во скопски Капиштец.

По три и пол години надвор од земјава, какво е чувството повторно да се биде дома?
– Многу симпатично. Неполни десетина дена сум тука и ми е егзотично. Сѐ како што оставив, така и најдов. Секако, структурата на граѓанството малку е променета, не малку туку дијаметрално е различна од претходно.

Во позитивна смисла?
– Па, кај мене е сѐ позитивно. Јас немам негативни смисли во мојот живот. Воздухот трепери како небото да гори, е така е во Македонија. Мене ми е многу симпатично, дури не е ниту ладно бидејќи мислев дека овој период ќе биде многу студено тука. Во Еквадор е постојано меѓу 20 до 30 степени, се научив на топло, на топлина во душата.

На јавноста делумно ѝ се познати причините поради кои заминавте, но што беше она што ја прелеа чашата?
– Тоа беше мојот последен атом снага да вложам огромни напори во општеството. Да го извадам медиокритизмот, но не успеав и си реков „аста ла виста бејби“. Последниот атом снага го искористив за да воведам некои канони во културното живеење, ама не беа сфатени моите обиди, ниту за последна шанса што ги дадов. На крајот, што мајка бараш таму каде што не те сакаат. Почнаа да ми се случуваат опструкции на секое поле и на професионално и на животно поле. Ми ги пресекоа крилцата, а јас сум птица што сака да лета во бескрајна небесна шир, а не да бидам затворени во зандани и да слугувам некому.

Се чувствувате ли како прогонет од сопствената земја?
– Да. Но затоа сум сега овде за од тоа прогонство да извлечеме благосостојба.

Се лутите ли некому?
– Ма не се лутам веќе на никого. Тие се лути сами на себе… толку многу се лути сами на себе што ако и јас им се лутам, тоа е како да ги мавне чекан од 100 килограми по глава. Мојот чекан боли и подобро да не го допирам.

По толку многу време присуствувавте на премиерата на „Мама Миа“, каде што вашата Нина игра една од водечките улоги. Како е после толку време да бидеш во некогашниот матичен театар иако како публика?
– Таа зграда во која е сместен мојот матичен театар ја чувствувам како многу туѓа. Таа не е моја и јас не ја познавам. Јас не знаев како да стигнам од главниот до службениот влез за да можам да ѝ честитам на ќерка ми за тоа грандиозно дело што го направи на сцената. Така што објектот како објект не ми се допаѓа бидејќи претходниот објект што го имавме, во кој творевме, е потопол и поприемчив од новиов. Додека, пак, како ансамбл, како колеги, јас никогаш не сум се чувствувал отфрлен од тој театар. Напротив, сите се сакаме, се дружиме кога работиме на проекти, а кога не работиме, се случува да не се видиме и со месеци. Но јас бев исфрлен од мојата родна куќа, јас така го викам МНТ, бидејќи мајка ми ме носеше таму уште кога имав четири месеци. Таму сум од бебе и веројатно опиен од мирисот на театарот и јас почнав да се занимавам со театарска уметност. Таа претходна структура што мене ме избрка, таа вмровската, Господ нека им е на помош. Тоа е карма, а од тоа нема бегање. Ниту јас можам да им ја исчистам кармата и сега не сакам ниту да им бидам во кожата.

Истата вечер посведочив и на емотивни поздравувања со Дац, Јордан Симонов, Сашо Тасевски… со кои заедно сте глумеле во филмови, претстави, се чини дека вашата енергија недостасува меѓу колегите…
– Па, баш со тие луѓе со кои си ме видела дека се поздравувам, баш со нив сум генерациски близок, заедно сме студирале. На пример, Владимир Лазовски, Дац… ние студиравме заедно, тие ми се „класичи“. Јордан е една или две генерации помлад од мене, академски, не животно, но тоа се тие луѓе. Тие знаат кое дупче мене ме чека, за јас како шрафче да влезам во таа машинерија и добро да го затегнеме дихтунгот, затоа е таа топла енергија меѓу нас. Другите, пак, помладите, тие исто многу топло ме прифаќаат и приватно, па и професионално, иако не знам дали погледале некоја од старите претстави во кои сум играл.

Но филмовите сè уште се актуелни…
– Да, ама сега повеќе за театарот зборувам, можеби дел од нив ги гледале во минатото кога ги носеле организирано од училиште… Има некои погледи од колегите, некако не знаат како да реагираат на моето шокантно ненајавено доаѓање и присуството во МНТ. Малку беа збунети, ете, ти беше директен сведок на тие средби.

Но и јавноста реагираше многу позитивно на тоа дека сте тука, тоа се почувствува и преку коментарите на Фејсбук откако вашите колеги Ана Костовска и Срѓан Јаниќијевиќ објавија фотографии со вас.
– Да, Ана ме откри дека сум тука, така разбраа сите.

Иако имавте опструкции или проблеми, не знам како да го дефинирам тоа точно, сепак јавноста беше некако на ваша страна…
– На тогашните директори им беше забрането да ме земаат за работа, да ме вклучуваат во проекти. Ете, тоа беше, а поголема опструкција од тоа не постои. Јавноста можеби се однесуваше заштитнички кон мене, но за жал ние не може да преживееме од тоа. Ние ја галиме и ѝ даваме љубов на јавноста, но таа не може нас да ни даде основни средства за живот. Таа симбиоза е неспоива за живот за реципроцитет. Веќе кажав, кога ќе ми ги скратат крилјата и ќе ме избркаат од работа после 25 години стаж, ќе дојдат партиски војничиња и ќе ја послушаат министерката што ќе им каже, затоа што не сакам да им повладувам на нивните криминални дејствија ни во сон…

Со кое образложение бевте избркан?

– Со образложение дека не сум се појавил на работа. Ете тоа беше, знаеш како е во бирократските институции, ако не се јавиш два дена на работа, ќе те избркаат. А јас бев на Еквадор да се лекувам и тие знаеја за тоа. Па што тогаш ти кажува тоа? Кај нас има глумци кои по 14 години се немаат појавено на работа, единствено можеби до бифето влегле.

Ви недостига ли актерството, кариерата, доколку има понуда, би прифатил ли некаков ангажман тука?
-Не. Јас имам свој театар, душата ми е театар, животот ми е полн со театар таму кај што сум. Но секој уметник има потреба нешто да креира. Можеби не театар во моментов, но ми се прават некои перформанси. Можеби смешно ќе звучи ова да го кажам на овие години, но јас сè уште не се чувствувам искажан на театарска сцена.

Како се снаоѓате со животот во Еквадор, што работите, како поминува едно ваше секојдневие?
– Тоа што си го сонувала во најубавите соништа, тоа ми се случува мене таму. Отсекогаш сум сакал да бидам меѓу две палми на лежалка и сѐ да ми биде на дофат на рака, тоа сега го имам. Конкретно, мислам на лето, на гол и бос 365 дена годишно, на стабилна економска политика на земјата, на 700 вида овошје за кои три животи да живеам нема да стигнам сите да ги пробам. Ништо не ми недостига, имам само плус и благосостојба. Таму креирам, имам инструменти, таму имам своја банда со која се дружам, со Еквадорци, Колумбијци, Аргентинци, Венецуелци, Перуанци, Чилеанци… луѓе и свет што е целосно различен од тука. Таму на никого не му гајле дали имаш автомобил или не, дали имаш пари или не. Тоа е топлокрвен народ без две лица, само едно лице – или те сака или не. Ако те сака, тогаш ти ја отвора душата и целосно ти ја дава со чисти мисли, а не како тука за дружење од интерес. Таму не постои престиж, не постои тоа како ти изгледаш и што носиш, не постојат таквите животни релации, нема такви мерила.

Има ли нешто или некој што Ви недостига таму?
– Па, не. Јас сум човек кој не се враќа назад, односно не пати носталгично за старите добри времиња. Толку многу запознавам нови и нови работи, луѓе, душава моја е гладна за нови познанства, нови хоризонти и видици, што не се навраќам назад. Животната девиза ми е „не окреќи се сине“ . Кога ќе почувствувам потреба дека ми недостига нешто, ќе се качам на авион и за два дена сум тука. Сега можеби и почесто ќе доаѓам, но не знам што носи денот, што носи ноќта.

Заминавте поради здравствени проблеми, а како се чувствувате сега?
– Па, еве ти каков впечаток имаш? Што мислиш како ми е?

Одлично!
– Па така и се чувствувам, најубаво на свет. Кога ќе ти се исполни детскиот сон и кога ќе сфатиш колку е малку потребно за среќа и да бидеш постојано насмеан, тогаш си ја погодил суштината на животот.

Можеби срамежливо, но во Македонија полека почнува јавно да се дебатира за легализација на марихуаната.
– Ма зошто срамежливо, цел свет го прави тоа несрамежливо.

Можеби и регионот тоа заеднички го прави, еве во Словенија има фестивал на марихуаната.
– И кај нас треба да има фестивал и саем на марихуаната за луѓето да дознаат дека тоа не е зло. Кога ќе видат два-три примери како мене кои се излекуваа, сите неверни Петковци ќе сфатат дека тоа не е зло. Маслото од марихуана до темел ги исчисти метастазите од моето тело и злобните клетки ги исфрли од мене. Пред четири години ми кажуваа дека имам уште шест месеци живот. Лекарите ми рекоа да се поздравам со сите блиски, оти ќе одам на друг свет. А јас еве и по толку години се чувствувам сѐ подобро и подобро и немам потреба да се проверувам и да се излагам на рендген-снимки и секакви апаратури. Јас сум си најдобар контролор сам на себе. Јас од 89 година се борам да докажам дека тоа не е дрога и дека треба да се легализира. Колку илјадници животи се изгубија поради тоа што луѓе беа програмирани да мислат дека тоа е зло. Сега кончено „од дупе во глава“ им доаѓа она што ние го зборувавме 30 години.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски