Интервју со Арбен Таравари: Никогаш повторно во влада со Заев

Помина половина година откако седнавте на градоначалничката фотелја во Гостивар. Кога влеговте во кампања, очекувавте ли дека ќе наидете на толкав отпор од страна на СДСМ и на ДУИ, со кои додека го водевте Министерството за здравство бевте и коалициски партнери во Владата?

– Сѐ уште не ми се верува! Не можам да верувам, посебно за СДСМ, дека до ова дереџе може да дојде. За ДУИ знаев, та така функционира наназад повеќе години, на крајот на краиштата таа беше дел од десетгодишниот режим. Во ниеден момент ДУИ не се обиде барем еднаш да му каже стоп на Груевски. Тие четири пати ги гласаа сите кадровски решенија на Груевски, кои потоа беа кобни за македонското општество. Меѓутоа, ние како Алијанса за Албанците (АА) верувавме во реформската влада, иако во таа влада имавме дел од бившиот режим, меѓутоа тоа беше влада на принудни бројки. Само во тој состав можеше да падне еден мизерен режим и многу сме горди што бевме дел од мнозинството што го ослободи македонското општество. И повторно да се врати времето, со сите искуства што ги имаме со СДСМ, повторно би го направиле истото. Меѓутоа, дека СДСМ ќе падне под такво влијание на ДУИ, да им пречи и да уништат сѐ што не е со нив, искрено не ми се верува. Дека СДСМ на чело со Заев и одредени млади и перспективни кадри за само шест месеци ќе почне да функционира исто како што функционираше биномот ВМРО- ДУИ, не е за верување, но во реалноста, за жал, тоа се случува.

Во каква кондиција ја наследивте Општината? Споменавте долг од 3,5 милиони евра само во Општината и околу 6,5 милиони евра во Јавното претпријатие „Комуналец“. Кои се вашите проекции за градот, кои се проектите што сакате да ги реализирате веднаш, а кои во остатокот од мандатот?

– Точно така, вкупните долгови на општината заедно со јавните претпријатија што се под општината се околу 10 милиони евра. Тоа што го ветив во кампањата ќе се обидам да го спроведам: транспарентно и отчетно работење, деполитизација на образованието и администрацијата (онолку колку што ќе можам), чиста и филтрирана вода, чист воздух и чист град, инвестиции во образовната инфраструктура, лаборатории и смарт-табли по училиштата, центар за деца со посебни потреби, канализации и асфалтирање патишта, катна гаража, инвестиции во унапредување на спортот и здравиот начин на живеење и помагање на културните настани во Гостивар… имајќи предвид дека речиси комплетно сме исклучени од централната власт.

За кратко време, од блиски соработници со премиерот Зоран Заев станавте политички непријатели. Како го оценувате досегашното владеење на новата власт?

– Многу чудно, од еден од просечните министри во Владата, станав најголем непријател на Заев поради единствена причина: што го победив него заедно со ДУИ во Гостивар. За тоа така одлучија граѓаните на Гостивар, и сега тие треба да трпат затоа што одлучиле поинаку од желбата на премиерот. Токму затоа и се одржуваат избори, за некој да ја добие, а некој да ја изгуби доверба на граѓаните. Да беше поинаку, премиерот ќе ги назначуваше градоначалниците. И после ова, Заев одлучи со неговата партија индуцирана од ДУИ да направи сѐ што е можно за Таравари да биде неуспешен. Работата отиде дотаму што ги направија сите можни опструкции што може да ги направи централната власт над локалната. Според многу познавачи на политиките во Македонија, дури ни Груевски не му го правел ова на Заев, кога бил градоначалник на Струмица. Со што го заслуживме ова? Дали треба да страдаат 100 илјади граѓани на Гостивар што одлучиле против волјата на премиерот и на ДУИ? Ако не си со нас, мора да бидеш блокиран по секоја цена и да бидеш неуспешен! Ова се знаци на тоталитарни режими.

Како го оценувате министерувањето на вашиот наследник во здравството, Венко Филипче, во изминатите месеци откако дојде на функцијата?

– Не би сакал да давам проценки за мојот наследник. Му посакувам сѐ најубаво и многу успеси. Мило ми е што сега запреа сите тие напади, обвинувања и критики од опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) кон ова министерство. Имам впечаток дека сега веќе работата во Министерството за здравство тече мирно и релаксирано. Посакувам што поуспешни реформи во здравството, со цел подобар здравствен систем за пациентите и за здравствените работници.

Да можевте сега да одлучувате дали ќе се откажевте од министерската функција за да се кандидирате за градоначалник? Да не заминевте вие од здравство, можеби немаше ни да дојде до растурање на коалицијата со СДСМ, која се „сопна“ на решението за нов министер во овој ресор?

– Воопшто не сум се премислил. Нема поголемо задоволство отколку да добиеш поддршка од своите сограѓани од сите етнички заедници, и тоа во една нелојална конкуренција, кога две партии (СДСМ и ДУИ) имаат единствен кандидат, и притоа во кампањата се ангажираат сите механизми на државата, со премиер, министер за внатрешни работи, притисоци, поткупувања, закани… Хипотетички, и да не се кандидирав јас за градоначалник, сега немаше да бидам министер за здравство. За тоа гарантирам! ДУИ веќе се плашеше од поддршката што ја добиваме од граѓаните и ќе направеше сѐ да ни го одземат Министерството за здравство. Тогаш ние ќе останевме без ниедна општина, и без никаква кредибилност во Владата. Ние, иако бевме дел од Владата, некоректно, не знаевме дека СДСМ нема да кандидира градоначалници во Гостивар, Тетово и Чаир. И многу други работи во Владата одеа без наше знаење, така што веќе насетувавме дека има нечесни и подмолни игри во новото „реформско“ мнозинство.

По сите случувања на релација Алијанса за Албанците – ДУИ – СДСМ, дали би се вратиле во владејачката коалиција, со оглед на најавите на премиерот за проширување на парламентарното мнозинство и реконструкција на Владата? Во тој контекст, како го коментирате новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и дали можеби со нив би нашле заеднички јазик против актуелната власт?

– Досега немало понуди за враќање во сега веќе вистински „реформската влада“. Јас лично, по сѐ што се случува со оваа Влада, не би посакал да се вратиме, меѓутоа, ова е личен мој став. Владата на Заев е иста како и претходната, таму се и Амди Бајрам и многу други режимски кадри и, искрено, многу наликува и потсетува на лошото минато на Република Македонија. Многу би сакал да грешам и да сум во заблуда, сѐ да тече како што треба, бидејќи на крајот сите сакаме да донесеме нормален живот за граѓаните во Македонија. За новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, немам некој коментар. Би сакал да се реформираат и новото раководство да се дистанцира од минатата гарнитура. Колку ќе имаат капацитети во овој правец, не знам, меѓутоа времето ќе покаже. Добро е за општеството и за Македонија да има квалитетна, рационална и конструктивна опозиција.

Горан Адамовски