Им се правдаат кога роднините не им ги вработуваат во М-НАВ

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски потврди дека нему блиско лице од неодамна е вработено во М-НАВ.

„Точно. Се информирав за оваа работа. Да, таму има лице кое е во роднинска врска со мене. Јас би ве препратил прашањето да го поставите во М-НАВ за да се утврдат сите процедури и сите постапки што биле направени. Институциите тоа нека си го спроведат. Она што го знам јас е дека станува збор за високоостручен професионален кадар, школуван во Јапонија и во Кина, дипломиран токму на проблематиката што е потребна таму, како и на високорангиран универзитет во Словенија, со сите професионални капацитети за кои Македонија треба да се бори“, изјави министерот. Тој додаде дека неговиот роднина поседува многу поголеми капацитети, квалитети и компетенции за работното место и побара институциите да расчистат дали станува збор за соодветна постапка.

„Независен весник“ објави дека лицето е вработено од минатата недела, а во М-НАВ работи и неговиот татко. Синот на роднината на Николовски не успеал да влезе на првиот оглас зашто не ги исполнувал условите, ама за него бил распишан и втор оглас. Претходното работел во една од компаниите во зоната „Бунарџик“.

И сопругата на шефот на кабинет на министерот за транспорт и врски влегла на еден од поновите огласи за вработување во М-НАВ. На листата на вработени синови, ќерки, браќа, сестри и внуци се наоѓаат и синот на директорот на еден од социјалните фондови, сестрата на еден од вицепремиерите, внуците на директорот на телекомуникацискиот оператор и на висок претставник на помалиот коалициски партнер, синот на пратеничка од истата партија.

Извори од М-НАВ велат дека примањето нови вработени е кошмар за нив, токму поради притисоците што доаѓаат од сите страни.

„На комисиите за прием се изземаат членови затоа што не сакаат да постапат како што се бара и да прифатат прием на кандидат што не исполнува услови. Има ургенции и има случаи кога на оној што притиска за прием на негов близок мораме да му се правдаме зошто не е примен. Има огласи што ‘успеале од трет пат’“, се жалат вработени во М-НАВ. Владата вели дека ќе има одговорност секаде каде што ќе се утврдат неправилности.

„Владата работи транспарентно и целосно отчетно. Упатуваме апел доколку се воочени неправилности, во кое било јавно претпријатие, посебно во оние во кои Владата има удели, да ги пријават. Сите се свесни дека Владата секогаш имала соодветни реакции, соодветни постапки и луѓе ја понеле одговорноста доколку се утврдиле одредени неправилности. Нема да правиме никаква разлика како Влада, без разлика дали се работи за професионалци, за нечии роднини, или некои кои со несоодветен начин се поставени на некои позиции“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Иако на повеќе начини може да се испита и санкционира непотизмот, Антикорупциската комисија е стриктно надлежна за овој феномен. По оставката на пет од седум члена, веќе 10 месеци таа не функционира. Има јавен консензус новите антикорупционери да се избираат според построгите критериуми што ги поставува новиот закон за спречување корупција и судир на интереси. Наредниот понеделник, во прво читање, законот ќе го гледаат пратениците на собраниска седница.

Во регулативата за спречување на судир на интереси, под терминот „блиски лица“ се подразбираат лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврт степен, посвоителот и посвоеникот, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има приватен интерес.

Анита Салтировска