(Видео) Израел победи на Евросонг 2018
Португалија– Нета, претставничката на Израел, со песната „Toy“ синоќа победи на Евросонг 2018 во Лисабон. Таа беше и најголемиот фаворит на европските обложувалници за победа на 63-то издание на овој музички фестивал.
Второто место го освои Кипар, а на третото се пласираше Австрија. Во финалната вечер настапија вкупно 26 земји, додека македонските претставници „Ај Кју“ не успеаа да се пласираат во финалето. Од балканските земји, во финалето влегоа Албанија, Србија, Словенија и Бугарија.
Нета победи откако беа собрани поените од стручното жири и од телефонското гласање во сите земји. Како Македонија ги распореди поените од Скопје соопшти ланската претставничка Јана Бурческа. 12-те македонски поени завршија на контото на Естонија. На Израел, Македонија му даде само еден поен.
Синоќа, пред финалето, беа претставени сите учесници на сцената, а финалето го отвори претставникот на Украина, потоа настапија Шпанија, Словенија, Литванија, Австрија, Естонија, Норвешка, домаќинот Португалија, Англија, Србија, Германија, Албанија, Франција, Чешка, Данска, Австралија, Финска, Бугарија, Молдавија, Шведска, Унгарија, Израел, Холандија, Ирска, Кипар, а го затворија претставниците на Италија. Дел од учесниците годинава се решија да пеат и на својот мајчин јазик.
Инцидент на Евросонг
Португалија-Непознат маж предзвика синоќа хаос на Евросонг. Тој се качил на сцената, го одземал микрофонот на претставничката на Велика Британија, Су Ритоко и започнал да вика на цел глас – “нацисти“.
Човекот веднаш бил остранет од сцената по што претставничката на Велика Британија продолжила со својот настап.
Како што информираат светските медиуми, лицето било веднаш однесено во полиција, а на претставничката на Велика Британија и било понудено повторно да настапи, но таа не прифатила.