Изложба на Кристина Битракова во Прилеп
Во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ во четврток на 7 декември во 19 часот ќе биде отворена ретроспективната изложба „Доживување“ од уметницата Кристина Битракова.
„Секој од нас дејствувањето на живиот свет околу нас го доживува на различен начин. Обично тоа го правиме со претпазливост, скептицизам или некаква призма т.е. „Доживување“.
Меѓутоа, во битието на човекот е да тежнее кон слобода, односно тежнение кон светлината како неизбежен фактор на се што се раѓа, живее, постои…..така настапува ослободување, ослободување од стравот за осознавање на самиот себе и светот што го гледаме низ нашето „Доживување“. Исконски и осмислено, определено и творечки, водени од слободата на духот, луѓето граделе и создавале од доживеаното – доживувачко, ја расчленувале вистината, потоа ја обединувале со ритамот на сериозниот живот, никогаш не губејќи ја животноста, храброста и ведрината кои подразбирале најголемо богатство на луѓето и нивната култура“, запишува авторката за својата изложба.
Битракова е родена 1976 година во Охрид, дипломирала на ФЛУ во класата на проф. Зоран Јакимовски во 2000 година на отсек – графика. Три години подоцна магристрира под ментосрство на проф.Костадин Танчев – Динка, исто на графика. Работи како професорка по ликовна уметност во гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Скопје и е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Зад себе има неколку самостојни изложби реализирани во Македонија, Бугарија и Германија. Учествувала во бројни групни домашни и меѓународни изложби. Избрана е за студент на генерација на ФЛУ и добитник на наградата Феникс за значајни достигнувања од областа на уметноста.