Извори за „Независен“ откриваат: Ќе се одбијат 36. илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ

Спикерот на парламентот Талат Џафери на вчерашната координација на која не присуствувал претставник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавил дека на денешната седница ќе се одбијат 36. илјади амандмани на опозицијата. Амандманите, според проценките, би биле одбиени со образложение дека со секој од нив се спори уставноста на законот за јазици, а дека парламентот во оваа фаза нема надлежност да оценува дали законите се во согласност со Уставот.

Но, сепак, неизвесно е како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапи во случај парламентарното мнозинство да реши да ги прескокне нејзините амандмани. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, потврди дека пратениците на опозицијата ќе присуствуваат на утрешната пленарна седница и до парламентарното мнозинство испрати порака да бидат разумни во своите чекори.

„Повикувам уште еднаш на разум. Повикувам уште еднаш на почитување на Деловникот, почитување на законите, бидејќи ова не смее да се дозволи. Лошо ќе влијае врз Република Македонија, за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница, но и пред домашната јавност. Затоа уште еднаш за последен пат повикувам на разум. Да се избегне девијантно однесување во парламентот, насилно усвојување на овој закон. Повикувам на почитување на Деловникот, разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа, што ВМРО-ДПМНЕ го очекува за време на утрешната седница на Собранието. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и за сите оние што ќе го поддржат во таа постапка“, изјави Мицкоски, кој не прецизираше како ќе постапи опозицијата ако парламентарното мнозинство оневозможи расправа по поднесените амандмани.

Околу внатрешната политичка ситуација исто така се огласија лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, и претседателот на Албанско-американската граѓанска лига и поранешниот конгресмен, Џо Диогарди, кои од законодавниот дом и од пратениците побараа законот за јазици да биде изгласан без дополнително одложување. Во онлајн-петицијата на Албанско-американската лига од САД и Европа бараат во случај да не се исполни албанската платформа, да не ѝ се дозволи влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Сепак, дел од познавачите на политичките случувања на Македонија за „Независен“ се согласија дека реториката на Села, особено по јавното залагање за двонационална држава, е стара и непотребна и го потсетија дека не е во изборна кампања. Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование изјави дека граѓаните во овие моменти имаат потреба од прогресивни програми, а не од национализам.

„Мислам дека Села брзо ќе сфати колку е стара таквата реторика. Она што на граѓаните треба да им се понуди е надеж и развој, а не да им се продава национализам. Поради таквото продавање национализам, мислам дека неуспех доживеа и претходната власт. Така што се надевам дека таквата реторика за него ќе биде поразителна“, изјави Стојковски. Околу петицијата на Диогарди, Стојковски додаде дека има време да се исполнат главните барања и ваквите петиции се фактички непотребни.

„Петицијата не ја комплицира и онака многу комплицираната политичка ситуација во Македонија. Има многу работи што ќе треба да се случат помеѓу поканата за членство во НАТО и пристапувањето на Македонија формално во НАТО. Оттаму мислам дека има време за сѐ и има време за реализација на реформски пакет, но и за сите други останати чекори што произлегуваат“, објасни Стојковски.

Аналитичарот Иса Спахиу, пак, смета дека лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, и првиот човек на Албанско-американската лига, Диогарди, имаат право околу барањето за законот за јазиците и истиот треба што поскоро да биде изгласан во законодавниот дом и не треба да биде поставен како услов за влеза на Македонија во НАТО и во ЕУ.

„Македонија е бинационална држава бидејќи во моментов е држава и на Албанците и на Македонците и ова треба да се регулира со Устав на начин на кој прилега. Потребно е да се промени Уставот, да се променат неколку уставни одредби или закони, исто така да се изгласа законот за јазици и по ова да се продолжи кон решавање на другите отворени внатрешни прашања на Македонија. Но јас не се согласувам со барањата на Села и Диогарди влезот во НАТО биде условен со законот за јазиците, бидејќи законот за албанскиот јазик треба што поскоро да помине во Собрание и во никој случај истиот да не биде поставен како услов за евроатлантските процеси на Македонија, затоа што Македонија треба да се качи во последниот воз што води кон НАТО“, рече Спахиу.

Спахиу предупреди дека надворешни фактори веќе работат против евроатлантските процеси и интереси на Македонија и политичките лидери треба да бидат свесни за ова и да водат поодговорна политика за да не дозволат земјава да се најде пред нова политичка криза.

Блерим Исмаили