Иднината се планира со штедење

Штедењето не е природна појава, туку економска категорија директно врзана за човекот и за неговото однесување во секојдневниот живот. Тоа не е творба на современиот живот. Неговите никулци се наоѓаат уште во првобитната заедница. Најпримитивните облици на штедење се јавуваат на одреден степен од развитокот на човечката свест и се карактеризираат исклучително со мотивот за одржувањето на видот. Поведувајќи се по својот инстинкт за продолжување на родот, наместо преостанатите плодови да ги фрла откако ги намирил своите дневни потреби, човекот започнува да ги чува за утре. Подоцна, откако тоа станува постојана навика, човекот станува свесен и за нивно поумерено трошење.

Токму ова свесно сведување на потрошувачката во умерени граници претставува пресуден момент за настанувањето на штедењето во вистинска смисла на зборот, за потоа да се развива како претпазливост како, кога и колку ќе троши – што претставува и е можност за постојано и сигурно напредување. Но, речиси постојано мораме да го употребуваме зборот „но“, затоа што тоа не значи дека еднакво се развивала и свеста за штедењето? Одредени луѓе не само што не го осознаваат значењето и улогата на штедењето, туку поради различни причини и мотиви расипнички се однесуваат кон она што го стекнале или го наследиле. Тргнувајќи од овој факт, не случајно многубројни теоретичари човековото општество го делат на штедливци и расипници.

Какво значење му се придавало на штедењето ни сведочат и одредени историски податоци од далечното минато. Во стариот Египет било познато т.н. масовно штедење, односно собирање и чување резерви од седум родни години за седум гладни години. И во римска држава се потврдува важноста на штедењето со кое се победува сиромаштијата.

Какво значење му се придавало на штедењето како предуслов за натамошниот развој посведочува и постапката на англискиот суд од 1723 година кога бил осуден познат писател затоа што го исмејувал штедењето.

Во натамошниот општествено-економски развој, штедењето претставува тема на обработка на многубројни теоретичари. Во таа смисла ќе го споменеме претставникот на граѓанската класична економска наука Адам Смит, кој вели: „Штедливоста, а не работливоста е непосредна причина за умножување на капиталот“.

Покрај теоретичари-научници за корисноста за штедењето се занимавале и многу државници, филозофи, поети (Цицерон, Гете, Рузвелт ).

Што се однесува до организацијата на штедењето низ историјата наназад ќе се сретнеме со првите зачетни форми што ги наоѓаме во храмовите кои примале одредени предмети на чување, кои честопати служеле и како средство за откуп од ропство. Предметите што биле дадени на чување служеле подоцна и како услов за давање заем или кредит.

Прва државна штедилница организирана како поштенска штедилница е основана во Англија во 1861 година, а во 1883 година во Австрија под името „Поштенско-чековна служба“. На просторот на предвоена Југославија биле основани штедно-кредитни организации меѓу кои ќе ја споменеме Поштенската штедилница основана 1921 година во Белград, а во 1927 година во Скопје е основана филијала на наведената штедилница.

По завршувањето на Втората светска војна, во рамки на југословенската заедница, институционалните рамки на развојот на штедењето и неговите организациски форми главно се поклопуваат со развојот на банкарскиот и кредитниот систем.

За меѓународното значење на штедењето од особено значење се активностите на ОН и ММФ, кои меѓу останатото се занимаваат и со проблемите на парите и кредитите и нивната поврзаност со штедењето како значаен фактор за унапредување на стопанскиот развој битен предуслов за подобар живот.

Тргнувајќи од основните детерминанти на штедењето, помеѓу останатото и од изреката „секој може да штеди, па дури и сиромашните, со оглед на тоа што човековите потреби се еластични и можат да се растегнат и соберат“. Да не зборуваме за лебот и храната, туку само за оние милиони чаши и шишиња што секојдневно се испиваат по безбројните кафеани и бифеа, за многубројните цигари и лулиња што се чадат и дење и ноќе… само на тоа можат да се заштедат милијарди, наведува Никола Цветковиќ во книгата „Наука за штедењето“ од 1957 година.

По повод Светскиот ден на штедење, 31 октомври, многу земји прогласуваат недела на штедење, што се искористува на различни начини (преку публикации, јавните медиуми, предавања за најмладите), да се укаже за вредноста на парите, да им се укаже на разликата помеѓу потребите и желбите, да се сврти вниманието на граѓаните кон почитувањето на сето она што е во прилог на афирмацијата на штедењето воопшто.

Кики Мангова-Поњавиќ