Иванов до Столтенберг: Македонија да го добие заслуженото членство во НАТО

Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска на средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на средбата станало збор за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.

Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, се додава, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.

– Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството, рече претседателот Иванов.

Тој посочил дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.

Претседателот Иванов порачал земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.

На средбата беа разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за прилагодувањето на способностите за одбрана, одвраќање и справување со овие закани.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг посетата на Скопје ја почна со шефот на дипломатијата Никола Димитров, а ќе има средби и со премиерот Зоран Заев, претседателот на Парламентот Талат Џафери, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и со лидерите на ДУИ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Али Ахмети и Христијан Мицковски. Предвидено е тој да се обрати пред Парламентот на Македонија. Официјалните активности генералниот секретар на НАТО ќе ги заврши со средбата со премиерот Заев. Тој во Владата ќе биде пречекан со највисоки почести, а по средбата предвидена е завршна прес-конференција.