Иванов во кампања против Македонија

Ерол Ризаов

Претседателот на државата Ѓорге Иванов дури од Америка ги повика граѓаните да ја бојкотираат европската иднина на Македонија. Не мораше да оди толку далеку за да го соопшти тоа што сите го знаат во татковината, дека нема да ја исполни својата граѓанска и претседателска должност и дека нема да гласа.
Откако стана јасно дека не држи тенкото алиби на претседателот, тој избега од „местото на злосторството“. Се сокри во Америка и одлучи од таму да удри од зад грб со кампања за бојкот. Се обрати до граѓаните со гнев, со лутина и со невидена суета образложувајќи ги своите мотиви зошто одлучил да гледа сеир од Америка. На перфиден начин излажа дека со бојкот ги брани името на државата, националната припадност, македонскиот јазик и меѓунационалните односи. Претседателот повикува на одбрана на она што не е со ништо засегнато, ни името Македонија, ни националниот идентитет на македонскиот народ, ни македонскиот јазик. Што се однесува до меѓуетничките односи, веќе направи повеќе големи штети на сите етнички заедници што живеат во Македонија определувајќи се да биде претседател само на еден мал дел на приврзаниците на една политичка партија, сè уште верни на корумпираното раководство кое е катаден на обвинителна клупа во најголемите судски процеси откако постои државата против злоупотребите на високи политичари.
Претседателот Иванов, преку соопштение до јавноста, на една недела пред историското изјаснување на граѓаните, всушност, прави обид за дестабилизација на државата со нови меѓусебни делби и омрази бидејќи со своите пораки ги загрозува евроатлантските интеграции на Македонија. Паднаа во вода сите лаги на Иванов дека тој е за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ. Никогаш не направи ни најмал обид да појасни како може Македонија да ги оствари стратегиските интереси без да го прифати договорот со Грција. Никогаш не понуди ниту, пак, успеа да даде и најмал придонес за добрососедство со ниту еден комшија. Претседателот се стави на страна на кукавичката определба за бојкот лансирана од силите кои се против стратегискиот интерес Македонија да биде сојузник на НАТО и членка на ЕУ. Единствена среќна околност во оваа пропагандна активност на претседателот Иванов против иднината на Македонија е што одамна ги има изгубено својот углед и довербата во јавноста. Сè друго е жив срам.
Претседателот Иванов во своето кабинетско соопштение имал силна потреба да образложи дека негово уставно и законско право е да гласа и да не гласа. Тоа е точно, но ќе мора да се соочи со одговорноста за неговото кршење на законот со агитацијата за бојкот и попречување на највисоките државни интереси. Претседателот на државата, ако има правна држава, ќе се соочи со повеќе тужби за кривични дела и флагрантно кршење на уставот и на законите. Тоа би било добра превентива за заштита на парламентарната демократија и сериозна опомена за сите кои од оваа висока позиција ги злоупотребуваат своите овластувања.
Така, претседателот на државата ќе треба еден ден пред јавен обвинител да објасни врз основа на кој закон го попречувал мнозинството во парламентот и по веродостојни избори да се конституира законодавниот дом, да се изберат претседател на Собранието, влада и премиер. И, што е најстрашно, колкаво е влијанието на ваквите одлуки на крвопролевањето во парламентот на 27 април минатата година. Претседателот Иванов ќе треба да се соочи со одговорноста за попречување на правдата со аболиции и пишман аболиции на осомничени политички функционери за злосторничко здружување во изборни местенки, меѓу кои и при негов избор за претседател. Исто така, ќе треба да одговара за попречување на правдата за претставници од врвот на ВМРО-ДПМНЕ обвинети за криминал, корупција, пресметка со политички противници со нивно затворање и судење со нарачки и притисоци врз судии, со нарушување на човекови права и слободи на илјадници граѓани и уште десетици обвинителни акти за тешки кривични дела.
Следува уште една осуда која ќе има историски димензии бидејќи Иванов ќе остане запишан во историјата и во колективната меморија на денешните генерации дека пропагирал бојкот на референдум, највисок чин на изјаснување на граѓаните повикувајќи на исход кој директно ја загрозува иднината и опстанокот на Македонија. По ваков јавен настап на претседателот, полош и од предизборна партиска кампања, по успешниот референдум првата работа што треба да ја направи е да поднесе оставка и да се извини на јавноста за својата агитација спротивна на државните интереси и на определбите на мнозинството граѓани. Таа оставка ќе го отвори патот и за соочување со правдата за злоделата што ги направи за период од десет години претседателствување.