Иванов: Богојавление е симбол на духовно раѓање и нов почеток во животот на верникот

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

– Одбележувајќи го денот на кој св. Јован Крстител го крстил Господ Исус Христос во реката Јордан, се потсетуваме дека Бог се поистовети со човекот во сè, освен во гревот. Сакајќи да ги потопи во Јордан гревовите на човештвото, дојде да ги исцели болните, да ги нахрани гладните, да ги исправи паднатите, да ги ослободи поробените, да ги просветли помрачените и да ги оправда грешните, се наведува во честитката од претседателот.

Богојавление, како што посочува Иванов, е симбол на духовното раѓање и новиот почеток во животот на верникот.

– Како симбол на новиот почеток, Богојавление треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност. Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста, истакнува Иванов во честитката до верниците.