Ивана Гелева е најангажираната манекенка кај нас : Македонската Кендал Џенер


Додека летате, се освежувате со пијалак, седите во прв ред на ревија, пробувате облека, се возите низ македонските улици, нејзиното мило лице ви се смешка, ви наздравува, ве поздравува , ви покажува. Да, запознајте ја Ивана Гелева, најангажираната манекенка кај нас и убавица од промотивните кампањи за Македонија. Македонската Кендал Џенер. Македонските компании ја обожаваат, а странците заради неа ја засакаа и Македонија.

Има сини очи како бистрото Охридско Езеро, златни долги коси како родната Пелагонија и става како пелистерска молика. Манекенката Ивана Гелева (28) од модната агенција „Подиум“, освен изгледот, престижните ангажмани за македонските компании и за промоција на македонскиот туризам во светот, се должат и на нејзината професионалност, комуникативност и силен карактер.

Публиката од модните ревии во Скопје ја памети како манекенка која на модната писта гази боса или во балетанки, никогаш на високи потпетици. Од својата 14. година е во модниот свет кај нас, во Турција и во Италија, зад неа се безброј ревии, промоции, каталози, реклами, спотови… Работела на рекламите за „кожувчанка“ и за „скопско“, за млечни производи од Косово, за македонски модни куќи… Сега е актуелната со рекламата за „газоза“.

Приказната за Македонија е поубава кога таа ги краси каталозите и промотивните материјали за проектот „Македонија тајмлес“ , за промоција на Дојран, на авиопревозникот „Визер“ за промоција на Скопје (фотографиите со неа ги има во авионското списание на летот Лондон-Скопје).

Какво е чувството да бидеш избирана како заштитно лице на македонски производи и за промотивна кампања?

– Има многу убави девојки кај нас и навистина е убаво чувството да ти кажат дека од сите тие те избрале тебе.

Што размислуваш во моментот кога те фотографираат?

– Се чувствувам како горда Македонка. Одговорноста е поголема зашто со емоцијата на лицето, освен со изгледот, ја претставуваш Македонија во светот, на еден начин. Инаку, што еден модел размислува додека го фотографираат зависи од многу фактори. Од фотографот, од целиот тим што работи на проектот, од атмосферата во која се работи и секако од приказната што се раскажува преку фотографиите. Кога јас стојам пред објективот, се трудам да бидам максимално професионална, не размислувам ништо поврзано со приватниот живот, се внесувам во улогата и се трудам да ја доловам емоцијата што се бара од мене.

Како те избраа тебе?

– Бидејќи работам од поодамна, многу често ми се случува да ме контактираат и лично мене, освен преку матичната агенција. Таков беше и овој случај. Но, со оглед на тоа што сум еден од најстарите членови на модната агенција „Подиум“, секогаш ги препраќам да се јават таму. Многу е убаво чувството да те побараат лично за проект врзан за македонски производ и за промоција на Македонија, а уште е поубаво чувството кога имаш агент кој ќе се погрижи сите работи поврзани со тебе да се организираат како што треба.

Што е за тебе Македонија?

– За мене Македонија е земјата во која сум се родила, во која живеам и ќе продолжам да живеам. Таа е неодделив дел од мене, сум имала можност да одам надвор од Македонија, да работам во странство, меѓутоа никогаш не сум можела да замислам подолго време да бидам надвор. Тука ми е домот, тука ми се родителите, блиските, саканите. Сѐ она што ми значи во животот е тука.

 

За „Македонија тајмлес“ слатка како вино, на изгрејсонце

Пред неколку години бев избрана како заштитно лице за промотивната кампања, во рамките на проектот „Македонија тајмлес“. Промотивниот материјал беше наменет за промоција на нашата земја и нашиот туризам во европските земји. Голема чест беше за мене што моја фотографија беше на насловната страница на каталогот кој и денес служи за промоција на Македонија.

За „Македонија тајмлес“ прво снимив рекламен спот. Снимањето беше на Охридското Езеро, бевме на глисер три девојки. По две години ме побараа за сликање за истиот проект. Фотосесијата беше во „Попова кула“. Таму бевме два дена. Сликавме на изгрејсонце, за да може што поубаво да се долови убавината на опкружувањето. Станавме пред изгрејсонце и почнавме со подготовки. Местото беше прекрасно, со винарница и многу насади од лозја, и така самото снимање се одвиваше во лозјето. За да ја доловиме поубаво атмосферата, јас носев венче исплетено од лозници. Фотографиите беа искористени за изработка на брошура која е дистрибуирана низ цела Европа и служи за промоција на туризмот во Македонија.

 

Лондон ги виде најатрактивните локации во центарот на Скопје

Кога првпат во Македонија влезе „Визер“ како авиопревозник, им требаше брошура на летот од Лондон до Скопје со која патниците од Лондон ќе се запознаат со убавините на Скопје. Ја контактираа мојата агенција. Како главни ликови на кампањата нѐ избраа мене и Дарко, а фотографот беше дојден од Лондон. Фотографирањето го завршивме за еден ден, сликавме на најатрактивните локации низ центарот на Скопје. Фотографот беше воодушевен од нашата професионалност и од тоа за колку кратко време завршивме.

Убавините на Дојран на плажа

Проектот за промоција на Дојран беше финансиран од Општината. Продукцијата беше на Моден викенд – Скопје. Бевме облечени во креации на домашни модни дизајнери. Како модели покрај мене учествуваа уште две девојки од мојата агенција. Проектот беше насловен „Дојран ресорт“, а снимањето се одвиваше на 13 различни локации во Дорјан. Места што се карактеристични и му даваат печат на градот. Сите изработени фотографии се поставени на паноа вдолж градската плажа во Стар Дојран. Целиот процес на реализација на проектот се одвиваше интересно. Цели три дена траеше фотосесијата и сите бевме заедно сместени во приватна вила. Најинтересен момент за мене беше кога требаше да носам креација од вистинско цвеќе, дизајнерката од „Фа-Бу“ го донесе планинското цвеќе дури од Велес и на самото место на кејот во Дојран го изработи на мене.

Лејла Сабит