Зошто Мицкоски повикува на протести?

Ерол Ризаов

Христијан Мицкоски со наследниците на Никола Груевски ја отвораат сезоната зима-пролет со масовни маршеви и протести. Го мобилизираат членството да се спаси Македонија од Европа, од НАТО и од ВМРО-ДПМНЕ. Идеално време за хаос пред донесување на уставните измени во Собранието и руската закана дека договорот со Грција треба да оди на седница Советот за безбедност на ОН, каде што ќе следува руското вето. Оваа директна закана се совпаѓа со активностите во земјата да не се усвојат уставните измени. Дестабилизацијата на државата би била добар доказ дека Македонија го проблематизира своето членство во НАТО и во ЕУ со наметнат договор со Грција, диктиран од Запад и од Америка. Тоа Русија го претставува како притисок против волјата на граѓаните.
Стратезите на ВМРО-ДПМНЕ за спасување на Македонија велат оти сега му е мајката да се покаже дека партијата е жива и здрава и подготвена за нови подвизи, иако темелите се нишаат заедно со белата палата како да удрил земјотрес од десет степени по Рихтер. Се тресе куќата на стравот заедно со станарите бидејќи од камен-темелникот, па сè до последната ќерамида, сè е украдено од парите на граѓаните за што се води судска постапка.
Илјадници трагични судбини се изѕидани во ова злосторничко здание во кое тираните ги проектираа големите несреќи кои им ги нанесуваа 11 години на граѓаните на Македонија.
Христијан Мицкоски со соработниците пресметал дека резултатот од обидот да се направи хаос може да донесе партиски ќар бидејќи Груевски избега од земјата, Мијалков е во притвор, а баластот во партијата што не се согласува со партиските реваншистички политики кон луѓето кои поинаку мислат го истовари во дворот на политичкиот противник, другиот дел во Шутка, третиот е уште во судските сали. Ете, ова се трите познати во равенката со кои во ВМРО-ДПМНЕ ќе се поставуваат нови столбови на кои ќе почива стабилноста на Македонија и од каде ќе се гради иднината на земјата надвор од Европа.
Се разбира, Мицкоски знае дека тоа што е уништувано и ограбувано 11 години не може да се обнови и да се оправи ни за 20 години, ама седењето во опозиција е опасна работа во Македонија. Тоа значи соочување со правдата која почнува да живее по целосното нејзино деградирање. Всушност, најголемиот страв во ВМРО-ДПМНЕ во изминатава година и пол помината во опозиција е обвинителната клупа и правдата која ги стасува и некогаш недопирливите. Оди бавно, ама тропа на вратите на грешниците, а паднаа и првите пресуди. Во ВМРО-ДПМНЕ пресметале дека спасувањето од правдата е можно само во дестабилизирана држава и со спречување Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.
Едно крило на ВМРО-ДПМНЕ, затскриено зад пајтон-движењето „Македонија блокира“ ја повторува грешката од минатото со обиди да ја блокира границата со Грција, така да им даде крила на опозицијата во Грција и да го сврти Брисел против Македонија на големо задоволство на Кремљ. Сеат опасни пропаганди за некаков панславизам и големи држави под заштита на Баќушка, историска утопија која никогаш не се оствари, а за која загинаа илјадници луѓе. Разни авантуристи и шарлатани, предводени од зулумќари и башибозук, непречено се впрегнати да направат хаос. Надлежните институции сè уште воздржано ја надгледуваат ситуацијата, иако станува очигледна целта на оваа мала но прилично агресивна група, која е под менторство на странски разузнавачки служби.

Подготвеноста да се справи со вакви обиди за дестабилизација на државата за Владата и за премиерот Зоран Заев е голем тест да покаже дека има капацитет да се оневозможат очигледните инсталации кои работат да го спречат членството на Македонија во НАТО, а со тоа и во ЕУ, иако за двата сојуза веќе 25 години има огромна поддршка на јавноста. Сите развојни планови на Македонија, целиот општествен и економски систем, правосудството, образовниот систем, армијата и одбраната на земјата се базираат на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Нервозата на Кремљ настапи откако ова стана навистина реалност со Преспанскиот договор потпишан меѓу Македонија и Грција.
Организирање на протести во вакви драматични историски околности се најновата катастрофална грешка на ВМРО-ДПМНЕ која може да излезе од контрола. Нема да биде големо изненадување ако се предизвика поголема провокација со агресивност која излегува од рамките на вообичаените реакции на партиските симпатизери и незадоволни граѓани. Доколку целта на ВМРО-ДПМНЕ е само спасување на патриотите кои влегнаа во парламентот, како што јавно се најавуваат мотивите за протестите, таа работа може политички да се заврши во Собранието, а не во судот. Од ден во ден станува појасно дека амнестијата која ја бара ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден по крвавиот обид за државен удар не се однесува на симпатизерите кои се огрешиле, туку на организаторите на упадот во парламентот.
Сега за истата цел повторно се става голем влог. Евроатлантските интеграции на Македонија. Протести со вакви скриени мотиви нема да решат ништо, можат само да направат голема штета за иднината на Македонија. Владата, парламентот и институциите на системот се исправени пред нова голема одговорност да ја спречат секоја блокада на Македонија кон Европа и НАТО.