Зима

Лејла Сабит

Ви буди романтични чувства, ве потсеќа на детството, ве носи во топол дом или прегратка и ви подарува празнични радости.

Чекате снег да падне, сѐ да стане бело, да ви ја разнежи душата и да ги покрие црнилата на секојдневието.

Пиете топол чај покрај прозорец, ги гледате детските палавости, грижите ги снемува за миг, а животот ви станува поубав.

Во зима ви се ежи кожата, студот ви влегува во коски, крвта забрзано ви циркулира, ама во себе потпевнувате весела песна, го вдишувате воздухот измешан со мирисот на печени колачи, а со паметот сте илјада километри подалеку, на некое егзотично или планинско место.

Зимата е тука, понекогаш да нѐ потсети дека доаѓа крај на една година и почнува една нова, исто така, неизвесна година.

Нови 365 дена полни со надежи, желби, предизвици, очекувања и искушенија.

Во новата година ќе бидеме една година постари, се надевам и помудри.

Нема да се враќаме на лошото, и во темното ќе се трудиме да бараме светлина.

Силата ќе биде со нас во 2018-та. Кој ги гледал „Војна на ѕвездите“, ќе разбере.