Зидан: Не сум неправеден со Иско


Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан мораше да одговара на еден куп прашања поврзани со Иско, на прес-конференцијата пред утрешната средба со Лас Палмас.

Поранешниот играч на Малага одигра одличен натпревар за Шпанија против Аргентина во вторникот. Иско и Серхио Рамос ќе го пропуштат утрешниот натпревар поради болест.
– Не сум неправеден со Иско. Тој е задоволен, покажа дека е важен за тимот. Одигра одлично против Аргентина и јас сум задоволен со тоа. Тој е играч на Реал Мадрид и ќе остане тука. Проблемот не е во Иско. Проблемот е што имам 25 играчи, а можат да играат само 11. Многу сум задоволен од него. Јас секогаш го барам најдобро за тимот и за играчите, рече Зидан.
Францускиот тренер зборуваше и за својата иднина на „Сантијаго Бернабеу“, откако повтори дека сака да остане што е можно подолго во Реал Мадрид.
– Сум кажал и претходно. Во Реал сè зависи од резултатите. Овде сум 18 години и знам како функционираат работите. Го правам она што го сакам и сум амбициозен да продолжам, призна специјалистот.
За претстојното гостување кај Лас Палмас, Зидан изјави: „Потребна ни е победа. Мораме да бидеме подготвени и силно да влеземе во натпреварот, со интензитет и ритам. Не треба да гледаме кој каде се наоѓа на табелата“.