За четири години – пратениците зеле пет милиони евра за пат

Неоспорен факт е дека од 2010 до 2014 година во Република Македонија за патни трошоци се потрошени околу пет милиони евра, што за земја како што е Македонија, со површина најмала во регионот, тоа е многу. Во која земја патните трошоци се поголеми од платите на пратениците“?, праша пратеникот Илија Николовски од Партијата на обединети пензионери и граѓани, на вчерашната седница на собраниската комисија за политички систем и односи помеѓу заедниците. Тој заклучи дека на ова прашање, кое ѝ е трн во окото на јавноста, а е единственото прашање по кое и власта и опозицијата имаат заеднички став, не треба да се реагира со емоции, ами промените да бидат револуционерни и конечно привилигеиите на пратениците да се намалат.

Првото читање на измените на Законот за пратеници помина во комисијата, а до второто беше договорено да се формира работна група што ќе работи на подобрување на предложените мерки за намалување на патните трошоци. Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски од СДСМ, кажа дека во оваа работна група би требало да учествуваат пратеници, членови на ова собраниско тело, од сите пратенички групи, вклучувајќи ја и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тие би требало да ги усогласат ставовите во врска со намалувањето на средствата за патни трошоци на народните избраници и избраните и именуваните лица

Дел од пратениците се пожалија дека не е лесно да се вози секој ден. Така, Реџаил Исмаили од ДУИ рече оти кај него било полесно, бидејќи живеел во Куманово, но „што да речат оние пратеници што возат од Струга и од Охрид“. Весел Мемеди од НДП смета дека предлогот не е доволно добар, затоа што не гарантира дека ќе се елиминираат евентуалните злоупотреби со патните трошоци.

Предлогот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата е патните трошоци од 30 отсто да се намалат до 20 отсто од цената на литар гориво за секој изминат километар. Со предлогот за намалување на патните трошоци се воведуваат дополнителни мерки за спречување на злоупотребите при наплатата на овој надоместок, преку задолжително плаќање на патарините со кредитни или дебитни картички во сопственост на пратениците. За да се намалат патните трошоци, потребно е да се направат истите измени и на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функцинери, кој исто така ја регулира оваа материја. Измените на овој закон, пак, ќе ги разгледуваат членовите на Комисијата за труд и социјална политика.

(Г.А.)