За помалку од 100.000 долари ќе може да патуваме на Марс

Луѓето може еден ден да се преселат на Марс за помалку од 100.000 долари и да се вратат на Земјата, доколку не им се допадне на Црвената планета.
Основачот на бројни компании, меѓу кои и „Спејс икс“ Елон Маск верува дека еден ден обичните граѓани ќе можат да одат на Марс и можеби ќе започнат живот таму.
„Уверен сум дека преминот на Марс еден ден ќе чини помалку од 500.000 долари, а можеби и помалку од 100.000 долари“, рече Маск, одговарајќи на прашања на твитерџиите колкави би биле трошоците за евентуална релокација.
Тој оцени дека цената е доволно ниска, дека луѓето во развиените економии може да ја продадат својата куќа на Земјата и да се преселат на Марс, доколку тоа го  сакаат.
Маск се надева дека патниците ќе одат на Марс со вселенски брод на компанијата „Старшип“ кој е во процес на тестирање.
Твитерџиите, посебно оние кои размислуваат за можноста на Марс во блиска иднина, ги интересираше што може јавноста да направи кога е во прашање развојот на компанијата.
„Добрата волја е клучна за успехот на „Старшип““, напиша тој во еден пост.