За девет месеци убиени се 56 новинари


Во првите девет месеци од годината поради нивната професионална дејност убиени се 56 новинари, што е повеќе од целата 2017 година, се наведува во соопштението на невладината организација Репортери без граници.

Организацијата посочува дека 2017 беше година со најмал број на убиства на новинари во последните 14 години, но 2018 година не продолжува таквиот надолен тренд.

– Веќе 56 новинари се убиени поради нивната професија. Бројот се зголемува и треба да се додадат повеќе од десет случаи, што ги истражува Репортери без граници. Таквата вознемирувачка бројка не упатува дека под итно треба уште многу да се направи за заштита на новинарите, истакна генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Долоар.

Тој додаде дека поради тоа Репортери без граници повторно инсистира за именување на специјален претставник на Обединети нации, кој ќе биде задолжен за заштита на новинарите, мерка поддржана од низа држави, како и од 130 медиуми, организациии и синдикати од целиот свет.

Најопасна држава за новинарите е Авганистан, каде од почетокот на годината убиени се 13 новинари. На 30 април во Авганистан загинаа 10 новинари. Деветмина загинаа во двоен бомбашки напад, меѓшу кои и главниот фоторепортер на АФП во Кабул, Шах Марај, Истиот ден дописникот на Би-Би-Си, Ахмад Шах загина во вооружен напад во источен Авганистан.

Репортери без граници наведува дека е намалена бројката на загинати новинари во Сирија во споредба со минатата година. Од почетокот на 2018 година во Сирија се убиени двајца новинари, а во 2017 година – девет.