За да нема царини по „Брегзит“- Македонија и Британија договараат слободна трговија
Македонија се подготвува за тврд „Брегзит“. Првичната верзија на нацрт-договорот за слободна трговија меѓу двете држави веќе се разгледува од експерти на двете страни, откако претходно биле договорени деталите на два состаноци меѓу претставниците на Велика Британија и Македонија, велат владини извори за „Независен весник“. Откако договорот ќе се усогласи, треба да помине низ парламентите на двете земји.
Забрзувањето да се испреговараат односите се должи на фактот што сè поизвесно е дека Британија и ЕУ нема да постигнат транзициски договор за царинска унија. Ваков тврд „Брегзит“, значи дека Британија за Македонија на 30 март станува „трета земја“, и ќе престане да важи Спогодбата за стабилизација и асоцијација за оваа држава. Со тоа престанува да важи и досегашниот режим при увоз на британски стоки во Македонија и извоз на македонски стоки во Британија, и ќе се наплатуваат полни царини, по закон.
„Не се само царините проблем, туку и фактот што ако има тврд ‘Брегзит’, суровините од Британија вградени во македонските стоки нема да се смета дека имаат потекло од ЕУ и како такви, и при извозот во други европски земји, нема да имаат преференцијален третман, односно за тие стоки ќе има царина како за неевропски“, објаснуваат владини извори.
Стравување за ваков исход веќе изразиле неколкуте компании со британски капитал кои работат во технолошко-индустриските зони, и иницирале состаноци со претставници на Владата.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека Британија лани била трет трговски партнер во размената со Македонија. Вкупниот обем на размена меѓу Македонија и Британија во 2018 изнесувал 832 милиони евра и бил поголем за 10 проценти споредено со 2017 година, кога размената достигнала 759 милиони евра. Анализите покажале дека без нов билатерален договор за слободна трговија, би се намалила трговската размена меѓу двете земји, производството и извозот и како резултат на тоа би следело намалување на БДП.
Со новиот договор меѓу Македонија и Британија, треба да се осигура дека и натаму ќе важи сегашниот царински режим, при што целокупниот македонски извоз во Британија е без царина. При увозот на стоки од Британија во Македонија не се плаќа царина за сите индустриски производи, а кај увозот на земјоделски и прехранбени производи само за неколку производи има царина или квоти.
Aнита Салтировска