За да го заштити брендот: „Барбери“ запали облека од 28 милиони фунти
Англија- Луксузниот британски моден бренд „Барбери“ изгоре облека и модни додатоци во вредност од 28 милиони фунти, пишува британскиот весник „Тајмс“.
Раководството на брендот соопшти дека ја палат облеката затоа што сакаат да ја заштитат својата интелектуална сопственост и вредностите на брендот и не сакаат нивната облека да ја носат „погрешните луѓе“ кои до неа дошле на сивиот пазар по прениски цени.
Аналитичарите наведуваат дека проблемот е во тоа што Барбери е премногу скап на азиските пазари, особено на кинескиот. Најевтиниот ранец е 950 фунти. Иако Барбери најави намалување на цените во Кина за четири отсто, прашање е дали тоа ќе биде доволно за привлекување на купувачите.
На прашањето зошто непродадената облека на „Барбери“ не ја донирале, тие нагласуваат дека 120 тони кожена облека им била дадена на „Елвис и Креш“ за да ги претворат во модни додатоци, а половина од профитот што ќе го заработат ќе оди во добротворни цели.
Некои купувачи сметаат дека станува збор за логичен потег, затоа што тие што издвојуваат толку пари за „Барбери“ облека не би сакале сите да можат да ја носат, додека други, пак, сметаат дека би било попаметно да им се даде на оние на кои им е најпотребна.