Заеднички амандмани за намалување на патните трошоци

Измените на Законот за пратеници денеска го минаа првиот филтер во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Пратениците донесоа заклучок за формирање работна група за изготвување амандмани за овој Закон и за Законот за плати на избрани и именувани лица, а во врска со намалување на патните трошоци.

Предлогот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата е патните трошоци од 30 отсто да се намалат до 20 отсто од цената на литар гориво за секој изминат километар.

Претседателот на Комисијата за политички систем, пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски кажа дека во оваа работна група би требало да учествуваат пратеници, членови на ова собраниско тело, од сите пратенички групи вклучувајќи ја и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тие би требало да ги усогласат ставовите во врска со намалувањето на средствата за патни трошоци на народните избраници и избраните и именуваните лица.

Соња Мираковска од НСДП кажа дека интенцијата на владејачката коалиција е намалувањето да биде до 15 проценти, на половина од она што е предвидено сега. Нејзините очекувања се дека низ амандманска расправа решенијата за ова прашање ќе бидат усогласени од сите пратенички групи вклучувајќи ја и опозицијата.

ДУИ, според Реџаил Исмаили, ќе ја поддржи потребата за донесување на измените на законите што предвидуваат намалување на патните трошоци на пратениците и другите избрани и именувани лица, но кажа и дека размислуваат дали да поднесат амандман, како што најави неговиот колега Џевад Адеми вчера, за целосно укинување на патните трошоци.

Пратениците, исто така, укажаа дека имаат колеги што дневно во двата правци патуваат по пет часа, но, исто така, укажаа дека предлогот каков и да е треба да спречи злоупотреби на патните трошоци.

Илија Николовски од СДСМ кажа дека од 2010 до 2014 година за патни трошоци се потрошени околу пет милиони евра, па праша во која земја патните трошоци се поголеми од платите.

-Има многу функционери, посебно директори кои останаа на функциите, аздисано ги трошат парите на ист начин како што работеа претходно. Вчера бев кај една директорка, да не ја именувам, таа за неколку месеци потрошила 20.000 денари за бензин додека нејзиниот заменик 110.000 а и двајцата живеат во Скопје. Се продолжува со истиот начин, рече Николовски.

Според него, за запрепастување е фактот што пратениците земале патни трошоци без патни налози.

Николовски исто така посочи дека јавноста не знае дека платите на пратениците биле замрзнати од 2009, односно 2010 година.

Потсети дека во Република Македонија има 5.000 државни станови, најмногу во Скопје и оти поголем дел од нив се празни, а становите во зградата кај Железничката станица се задржани од поранешни функционери или не сакаат да си ги откупат.

На седницата на натамошно читање беа дадени и законите за свиркачите и за народниот правобранител за кои немаше дискусии од пратениците.