Заев: Разгледуваме олеснување на регистрирањето во УЈП

Владата најавува можност за корекции во постапката за регистрирање на даночните обврзници за персоналец. За оние што имаат приход само по еден основ, или само плата или само пензија, премиерот Зоран Заев изјави дека се проверува можноста за олеснување на постапката за нив.

„Разгледуваме варијанта за пензионерите и за примателите само на плата, кои немаат други приходи, да се искористи и буквално да немаат таква обврска. Ако е возможно, тоа ќе го соопштиме. Граѓаните треба да знаат дека ние немаме намера да правиме нешто што е непријатно, впрочем целта е да им олесниме на граѓаните во делот на услугите кои ги дава УЈП“, изјави премиерот Заев.

За да може УЈП да им достави пополнетата годишна даночна пријава на граѓаните, тие треба да се регистрираат на системот за е-данок на УЈП и оваа обврска, како што информираше Даночната управа, важи за сите граѓани што остваруваат каков било приход, без исклучок. Пензионерите, тешко подвижните лица, оние што не користат компјутер и сите оние што остваруваат приходи по само еден основ, ја проблематизираа посочената постапка, затоа што бараа лично или преку полномошник да се појават во УЈП.

За реформата во делот на пријавување и плаќање персоналец УЈП доби експертска помош од ЕУ.