Заев – Пилу: Поддршка од ЕБОР за новиот инвестициски циклус во Македонија

Учеството на Европската банка за обнова и развој во поддршката на реформските процеси во Република Македонија и креирањето овозможувачка средина за ЕБОР е од исклучително значење како за финансиската стабилизација, така и за вкупните демократски процеси во земјата, беше оценето денеска на средбата на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев со Ален Пилу, потпретседател на ЕБОР, во рамките на неговата агенда на Светскиот економски форум во Давос.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата беше истакната досегашната исклучително плодна соработка на ЕБОР со Република Македонија. ЕБОР досега инвестирала 1,6 милијарди евра во повеќе од 100 проекти. Моменталното портфолио на банката изнесува 700 милиони евра, од кои 30, од 46 активни проекти, се во јавниот сектор.

– Премиерот Заев и потпретседателот на ЕБОР Ален Пилу разговараа за можностите за идна соработка и како најатрактивни и особено значајни ги одбележаа проектите од областа за енергетиката и инфраструктурата за која ЕБОР ги оценува како приоритетни за поддршка, стои во соопштението.

На овој начин, се додава, ЕБОР се придружува кон меѓународните напори за поддршка на земјата за забрзување на структурните реформи и обезбедување нов стимул за развој на бизнис климата, во согласност со заложбата на Владата за заживување на економијата и отворање нови работни места, како и за спроведување на втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија, која ја најавија премиерите Заев и Ципрас на нивната заедничка прес – конференција во Давос.