Заев очекува поддршка и од опозицијата за евентуалното решение за името


Добро е што направивме исчекори, тие се огромни. Се надевам дека и за она што е останато за крај, а е многу сериозно и важно, ќе се изнајде решение кое ќе го почитува достоинството на двете земји и идентитетот на граѓаните, изјави денеска во Охрид премиерот Зоран Заев во пресрет на утрешната нова рунда разговори за прашањето за името во Атина.

Заев нагласи дека Владата останува максимално посветена на процесот, како најодговорен субјект, но очекува поддршка и од опозицијата.

Што се однесува на забелешките на опозицијата дека не е информирана за текот на преговорите со Грција, премиерот рече дека тоа е работа на опозицијата, да биде критички ориентирана.

– Неколкупати баравме лидерска средба, сакаме да брифираме, но тоа се избегнува. Секоја можна прилика ја користам да информирам. Знаете дека на последните средби нема крупни исчекори од тоа што беше претпоследниот пат во Виена. Знае и опозицијата, а верувам знаат и граѓаните до каде сме стигнати, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања.

Тој го пренесе ставот што му бил кажан од опозицијата на последната средба, дека Владата треба да го води процесот, а да биде информирана опозицијата кога ќе има решение.

– Јас сакам македонската опозиција и власта заедно да настапат по ова чувствително прашање. Верувам дека сите очекуваме да им гарантираме на граѓаните на РМ добра иднина, и во тоа име ќе смогнеме сили да изнајдеме мудро решение зад кое би застанале буквално сите лидери во државата, рече Заев.