Заев и Ципрас денес ќе го решаваат името

Зајакнување на односите меѓу двете земји во контекст на градењето мерки на доверба, како и анализа на досега постигнатото во обновените преговори меѓу Македонија и Грција за прашањето за името, ќе бидат темите во фокусот на денешната прва директна средба на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, која ќе се одржи попладнево на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Заев од денеска до 26 јануари по покана од Борге Бренде, претседателот на Светскиот економски форум, ќе учествува на годинашниот Самит во Давос, Швајцарија, на кој оваа година учествуваат повеќе шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот. Со годинешното присуството на Заев, Македонија после 15 години се враќа на Светскиот економски форум.
Според информациите од Владата, премиерот в петок ќе се сретне и со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Според агендата, Заев ќе ги проследи специјалните обраќања на Емануел Макрон, претседател на Франција, Жан Клод Јункер, претседател на Европска комисија, Тереза Меј, премиерка на Велика Британија, Бенџамин Нетанјаху, премиер на Израел и на германската канцеларка Ангела Меркел. Предвидено е премиерот да има учество во панел-дискусии и работни средби со економски лидери од светот и со други високи гости од регионот, ЕУ и САД.
Светскиот економски форум во Давос започна вчера, а околу 3.000 политичари, бизнисмени и јавни личности ќе бидат дел од четиридневниот форум кој оваа година е под мотото „Да создадеме заедничка иднина во еден разединет свет“.
Гости на овогодинешниот Светски економски форум ќе бидат и американскиот претседател Доналд Трамп, канцеларката Ангела Меркел, премиерите на Италија и Обединетото Кралство. Воведното обраќање е резервирано за премиерот на Индија, Нарендра Моди, а ќе присуствува и претседателот на Франција, Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и многу други важни политички претставници од целиот светот.
Учество во Давос имаат потврдено и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутерес, Роберот Азеведо, претседателот на Светската трговска организација, претседателот на Светската здравствена организација и ред други претставници од безбедносната, економијата, културата и слично.
Светскиот економски форум годинава номинираше седум жени за копретседавачи, меѓу кои и шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, и Џини Ромети, раководителка на компанијата ИБМ. Форумот годинава вклучува и неколку панели, посветени на сексуалното насилство како поддршка на движењето „Мe to“


Светската елита во снег до колена

Со автобуси, наместо со хеликоптери. Малото елитно село на швајцарските Алпи е затрупано во снег каков што немало во последните 20 години, па елитата се намачи да стигне таму. Најголемиот собир на богатите ќе собере 3.000 учесници на едно место.
Некои од учесниците велат дека овие неколку дена ќе им заштедат многу пари и време затоа што на едно место ќе ги остварат сите контакти за кои инаку би требало да патуваат неколку месеци низ цел свет. Ова штедење ќе ги чини 38.000 долари по човек, толку изнесува цената за учество на настанот. Рекордот годинава го држи компанија која за присуство на својата делегација ќе плати половина милијарда евра.
Сите надежи на организаторот се дека до петок времето ќе се стабилизира за да може да пристигне американскиот претседател Донлад Трамп. Во Давос ќе пристигнат и уште 70 шефови на држави или влади. Освен тоа, присутни ќе бидат и претставници на речиси 40 меѓународни организации, од ОН, ММФ и Светска банка, па сѐ до „Гринпис“ и „Оксфам“.
Шефицата на ММФ во воведното обраќање посочи дека глобалниот раст забрзува, оптимизмот расте дека конечно долгата криза завршила. Но ова не е доволно.
Давос годинава останува и без постојаниот декор, демонстрантите против богатите на кои поради снегот им е забрането да протестираат.