Заев: Законот за јазиците е во рамките на Амандманот 5

Премиерот Зоран Заев останува во ставот дека законот за употреба на јазиците е во рамките на Амандманот 5 од Уставот. Не коментирајќи ги изјавите на претседателот Ѓорге Иванов, Заев денеска порача секоја дилема да се расчисти во Уставниот суд.

Оправдувањето на Иванов зошто не го потпиша законот пристигна во Собрание. Откако спикерот Џафери ќе го разгледа, ставот на Иванов ќе го сподели и со пратениците.

Врз основа на забелешките на претседателот, пратениците имаат право повторно да поднесуваат амандмани, но според извори на Алсат М, тоа нема да се случи барем не од парламентарното мнозинство.

Во рок од 30 дена, според проценките на претседателот на Собранието, ќе се свика нова парламентарна седница, каде законот оди на трето читање, односно гласање. Што се однесува до Деловникот на Собранието, третото читање треба да се стави на дневниот ред на првата седница на Собранието.

Законот за употреба на јазиците беше изгласан на 11 јануари со 69 гласови за, ниту еден против, ниту еден воздржан. При гласањето со „Бадентер“, воздржано гласаше само еден пратеник.