Заев бара решение за судирот меѓу адвокатите и нотарите

Премиерот Зоран Заев закажал состанок со министерот и со заменик-министерот за правда, неговиот советник за правни работи и со претседателите на коморите на нотари и на адвокати, како и со претставник на Стопанската комора, за да се најде решение за несогласувањата меѓу адвокатите и нотарите.

– Верувам дека денеска ќе најдеме решение кое е прифатливо за двете страни, а во функција на закон кој пред се ќе им служи на граѓаните. Во борбата за тоа кој ќе добие повеќе можности да заработи, се заборава дека сите им служиме на граѓаните преку пренесени овластувања. Пред се, нотарите, но секако и адвокатите, истакна Заев.

Целта, рече Заев, е да се намалат трошоците на граѓаните пред која било постапка.

– Затоа се надевам дека денеска ќе имаме разбирање и од претставниците на двете комори и од Стопанската комора на Македонија да изнајдеме правично решение каде секој ќе добие фер шанса согласно Уставот и законите да заработува во Македонија, но и граѓаните да добијат пониски сметки при нивните правно-формални постапки кои ги водат пред институциите, рече Заев.

Законот за нотаријатот, како што рече, секако ќе претрпи промени.

– Во одреден сегмент барем во еден дел сигурно се во право адвокатите, а во дел сигурно се во право и нотарите. Има и меѓународни пракси. Ние не го измисливме ова и ќе ги примениме сите меѓународно познати примери и она што е пракса во Македонија, сослушувајќи ги аргументите на двете страни за на крај да се донесе правично законско решение за заинтересираните страни, но и во интерес на граѓаните, потенцира Заев.

За Советот за имплементација на правосудните реформи, Заев рече дека овие денови очекуваат да привршат преговорите на политичко ниво, за политичките аспекти на самите закони.

– Токму формирањето на Советот за имплементација на Стратегијата ќе биде тој коректор, кој заедно со експертизите во одредени многу значајни моменти ќе ги соопштува своите ставови. Затоа е формиран Совет од практичари, луѓе кои го применуваат законот и ќе го применуваат новиот закон, согласно реформите, рече Заев.

Во идниот период Заев очекува да се решат експертските прашања, на пример, како се казнува и разрешува судија или како се наградува и унапредува судија. Или пак други експертски поставености во законот во кој, како што рече, „ние политичарите апсолутно не треба да се мешаме“.

Премиерот изрази надеж дека до крајот на неделата меѓу партиите и во работните групи ќе бидат усогласени законите во делот на правосудството. Ако тоа биде завршено, веројатно идната недела ќе биде формиран Советот за имплементација на Стратегијата за реформи во правосудството.

Заев посочи дека се доцни оти дале шанса на дијалогот и внимателно ја слушале критичката јавност во делот на поставеноста на самиот Совет. Според него, од почеток довербата во тој Совет мора да биде максимално изградена за да има успех.