Забава

Лејла Сабит

Денска, ноќна, интимна, масовна, предновогодишна или политичка.

Скапа, евтина, украсена, со познати, непознати, славни, анонимни, планирана, непланирана, очекувана, изненадувачка, случајно, намерно, со покана или гага.

За народ, за јавност, за Европа, за ќеф, за сеир, за еуфорија, со вистински или лажен сјај, со гала призвук или како во биртија.

Ни се случува, се подготвува, размислуваме кај да славиме или да бегаме, да се одмориме или да пуштаме селфи, да се фалиме или да се криеме.

Никогаш не знаеме што ќе ни сервираат од домашната, странската или политичката кујна.

Посна или мрсна храна и информација, со многу алкохол или само со кисела вода, зачинета, пикантна, лута, за отмено доживување, фала и благодарам или за кршење чаши и чинии со сочно пцуење.

На забавите сите се она што не се или се она што сакаат да бидат.

Никој не личи на себе, ни во стилот, ни во муабетите, она што трезниот го мисли, пијаниот го кажува.

Фините девојки само тогаш се качуваат на маса и се палат на фолк-музика.

Мажите, како и политичарите, го покажуваат и убавото и грдото лице, зависи од домаќинот, расположението или интересите.

Се пеат „женски“ и „политички“ песни со симболични наслови :„Кукавица“, „Доказ“, „Лична карта“…

„Машки“ песни со срцепарателни стихови: „И тебе сам сит кафано, да бог да се запалила“…

Забавата некогаш завршува порано, некогаш трае до раните утрински часови, а некогаш преминува во реално шоу со многу прашалници.

А која сум јас да ги расипувам забавите?

Дајте јадење, дајте пиење, секој ден во Скопје е забава без пари!