„Ејџијан Ерлајнс“ го повлекла барањето за летови Атина-Скопје

Грчката авиокомпанија „Ејџијан Ерлајнс“ денеска до македонските воздухопловни власти доставила барање за одобрување на летови во зимската сезона, но по два часа го повлекла. Според првичното барање, „Ејџијан“ би летала на релација Атина – Скопје – Атина, во вторник и четврток.

„Нема образложение за повлекувањето на барањето“, ни изјавија од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

„Ајџијан“ побарала да почне да лета на 1. ноември. Летовите во четврток би биле попладневни, од Атина би полетувале во 16,40 со слетување во Скопје во 17,55 часот. Во 18,25 би бил летот за Атина, со слетување во 19,40 часот. Летовите во вторник се утрински, со полетување од Атина во 7 часот а слетување во Скопје во 8,15. Потоа, од Скопје би полетувале во 8,45 и слетувањето во Атина би било во 10 часот.

Грчката авиокомпанија во изминатиов период неколку пати најави обновување на авиоврската меѓу главните градови на двете држави, коишто беа стопирани пред повеќе од 10 години. Политичките проблеми меѓу двете држави го оптоваруваа и авиосообраќајот.

На интернет страницата на „Ејџијан“ има можност за резервација на летови, почнувајќи од први ноември.

За да добие одобрение за лет, авиокомпанијата треба да исполни повеќе услови, меѓу кои: од матичната земја да има документ за вршење редовен воздушен сообраќај согласно склучената билатерална спогодба, да има мнозински дел од сопственичките права и ефективна контрола, да има лиценца за оперирање и уверение за исполнување на безбедносните услови за вршење јавен воздушен превоз, уверение за регистрација на воздухопловите, дозвола за радио станица, уверение за бучава, осигурување на воздухоплов, патници, багаж и стока и трети лица на земја и уверение за пловидбеност.

(А.С.)