ЕУ и САД во одмаздничка акција против Москва: Масовно се протеруваат руските дипломати
САД вчера протераа 60 руски дипломати како казна за Москва за труењето во Солсбери и како начин да се заштити земјата од шпионажа. Американската одлука е само едно од многуте протерувања вчера на руски дипломати од земјите членки на Европската Унија, која, во солидаризирањето со Велика Британија, отиде подалеку и го повлече својот амбасадор од Москва.
Доналд Туск, претседателот на Советот на ЕУ, објави дека 14 земји членки се одлучиле да ги протераат руските дипломати вчера. Лидерите на ЕУ сметаат дека е многу веројатно дека Русија стои зад труењето на рускиот поранешен шпион и неговата ќерка во Велика Британија. Меѓу тие земји се Германија, Франција, Полска, Чешка, Данска, Италија, Литванија и Холандија, а Украина иако не е земја членка на ЕУ ќе протера 13, додека Канада три дипломати. Велика Британија веќе протера 23 дипломати.
Околу 48 дипломати во руската амбасада во САД беа замолени да заминат, покрај 12 Руси што работат во Обединетите нации. Рускиот конзулат во Сиетл, исто така, ќе биде затворен. Високи официјални претставници на американската администрација рекоа дека биле протерани Русите што работеле за разузнавачките служби, а се „покриени“ со дипломатски статус.
Американски официјални лица изјавија дека животот на „безброј“ невини луѓе, вклучувајќи и деца, бил ставен на ризик со нападот врз Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Тие, исто така, директно го обвинија Кремљ за нападот.
Висок официјален претставник на американската администрација изјави: „Ова беше непромислениот обид на руската влада за убиство на британски државјанин и неговата ќерка, на британска територија, со грозен нервен гас и затоа не може да остане неодговорен“.
„Нападот во Салсбери беше само последниот во серијата руски напори за поткопување на меѓународниот мир и стабилност. Руската влада покажа злонамерен презир кон суверенитетот и безбедноста на земјите во светот. Во неколку наврати се обидуваше да ги уништи и дискредитира западните институции. Овие напори се во тек. Денес стоиме солидарно со најблискиот сојузник на Америка, Обединетото Кралство. На руската влада ѝ велиме: Кога ќе ги нападнете нашите пријатели, ќе се соочите со сериозни последици“, порачаа од Вашингтон.
Дипломатите и нивните семејства имаат седум дена да ја напуштат земјата. Амбасадорот на Москва во Вашингтон предупреди дека САД го уништуваат она малку што остана од односите со Русија. (А.П.)