„Есенција на егизстенција“: Македонски уметници ќе изложуваат во Националната галерија на Косово

Патувачката изложба „Есенција на егизстенција“ на кураторите од Националната галерија на Македонија Маја Чанкуловска Михајловска, Горанчо Ѓорѓиевски и Ана Франговска ќе биде презентирана на косовската публика во Националната галерија на Косово на 27 ноември 2017 година (понеделник), во 19 часот на која ќе се претстават дваесетина македонски современи уметници.

Селектираните уметници се Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станковски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Дита Старова Ќерими, Нехат Беќири, Осман Демири, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колектив Зеро, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Зени Балажи, Жанета Вангели во својот творечки вокабулар користат елементи кои соодветствуваат со главниот дискурс на концептот, секој од нив допирајќи ги точките на есенцијалностите на егзистенцијата на различни начини и од различни перспективи.

„„Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната…, a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата. Вообичаено, кога станува збор за тематика поврзана со егзистенцијата, неизбежен е Сартр и егзистенцијалистите кои говорат за апсурдноста на социо-општествените феномени, т.е. апсурдноста на есенцијата во егзистенцијата“, информираат од Националната галерија на Макдедонија.

Овој проект прво беше претставен во галеријата Лауба во Загреб, во декември 2015 година и во Нарониот музеј на Црна Гора во Цетиње во 2016 година.

Двете Национални галерии од Македонија и Косово потпиштаа меморандум за соработка и ова е втор реализиран проект меѓу нив, откако проектот „Young Art Kosovo 2016“ кој беше реализиран во април месец, во Мала станица со претставување на учесниците: Агрон Блакчори, Бујар Сулејмани, Колективот HAVEIT, Јетула Сулејмани и Луан Бајрактари.