Ердоган: Турција гарантира национална безбедност


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Турција ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ја гарантира националната безбедност, информираат извори од претседателството.

Од своја страна Столтенберг истакнал дека Алијансата ја разбира загриженоста на Турција во врска со одлуката на САД да обучуваат сириски Курди за заштита на границата, пишува турскиот весник „Сабах”.

Првиот човек на Алијансата забележал дека не биле направени консултации со НАТО пред објавеното создавање на армија, во чиј состав ќе влезат и борци на сириските курдски Сили за заштита на народот.

Според Ердоган, ваквите дејствија на САД „ќе влијаат на безбедноста во регионот како целина”.

– Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да ја заштитиме нашата национална безбедност, потенцира турскиот претседател.

Односите меѓу Турција и САД се влошија поради американската поддршка за сириските курдски милиции, познати како Сили за заштита на народот (СЗН), кои Турција ги смета за поголема закана за нејзината безбедност, забележуваат американски медиуми.

Сепак, САД се потпираат на СЗН во борбата против Исламска држава. Меѓународната коалиција за борба со џихадистичката група објави дека ќе формира сириски гранични сили за да спречи евентуална преродба на ИД во Сирија.