Енергија

 Лејла Сабит

Електрична, духовна, космичка или физичка.

Ја имате во младоста, ја губите во староста.

Полни со енергија, ви фали енергија, некој ја чувствува енергијата околу себе, некој има енергичен карактер, а некогаш се чудите од каде имате толку енергија.

Во животот ви треба позитивна енергија, а најчесто околу вас шират негативна енергија.

Некогаш за џабе ја трошите енергијата на (не)важни луѓе, муабети и ситуации… ама кој да знае.

Пролетта некому дава енергија, некому одзема.

Некој се буди со енергија, а некој го фаќа депресија.

Некогаш ви треба енергија да започнете нешто, да продолжите нешто или да ставите точка на нешто.

Да простите нешто или некому, да заборавите нешто или некого, полесно да живеете со нешто или со некого.

Тенка е линијата меѓу доброто и лошото, поддршката и љубомората, сиромаштијата и богатството, искреноста и лагата, помошта и интересот, пријателот и непријателот.

Некогаш е тешко да живеете во овој свет, да го разберете или да ве разберат во овој свет, да останете нормален во овој свет полн со предрасуди, противречности, самобендисаност и моќност под сомнителни околности.

Ви треба енергија да го живеете секој ден, месец или година, ама животот е еден и важен е секој момент, врска или однесување.

Некогаш не е до вас, некогаш зависи само од вас.

Сѐ е до космичката енергија, нели!