Ексклузивен директен пренос од „Оскарите“ со Миланка Рашиќ


Миланка Рашиќ,  ТВ автор и продуцент, и оваа година ќе биде коментатор на доделувањето на филмските награди Оскар, во ексклузивниот директен пренос на ТВ Сител, вечерва, од 23.35. Телевизиските права за емитување на преносот во Македонија и оваа година ги откупи агенцијата на Миланка Рашиќ, „Миракс“.

Церемонијата на доделување на најпрестижните филмски награди во светот ќе се одржи во театарот Долби во Центарот Холивуд и Хајланд во Лос Анџелес, а водител ќе биде популарниот ТВ водител и комичар, Џими Кимел. Настанот ќе го пренесуваат преку 225 држави во светот.

„Оскаровското шоу се одржува по 90-ти пат годинава и поради големиот јубилеј се очекува незаборавен настан на кој ќе присуствуваат најзначајните имиња на седмата уметност во Оскаровската историја, сите живи филмски легенди! Членовите на Американската Академија на филмски уметности и науки ќе ги наградат најдобрите филмови во 2017-та, а  милионската  публика ќе ужива и во фантастично ТВ шоу. Ме восхитува бескрајната креативност на сценаристите и убавината на овој настан кој го слави филмот на најгламурозен начин “- вели Миланка.

 

Оскари 2018 : „Обликот на водата“ со 13 номинации

 

САД– Меѓу фаворитите „Обликот на водата“ во режија на Гиљермо дел Торо и „Три билборди надвор од Ебинг, Мизури“ на Мартин Макдонаг, се приклучи и „Данкирк“ на Кристофер Нолан.

Најмногу номинации доби филмот на дел Торо, кој е номиниран во 13 категории меѓу нив за најдобар филм, најдобар режисер и најдобро оригинално сценарио.

Во трката за наградата за најдобар филм зад „Обликот на водата“ се и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ на Мартин Макдонаг, „Најмрачниот час“ на Џо Рајт, „Викај ме со твоето име“, „Данкирк“, „Бегај“, „Лејди Брд“, „Фантомска нишка“ и „Пост: Досие Пентагон“ на режисерот Стивен Спилберг. За најдобра режија, пак, покрај Гиљермо дел Торо, номинирани се Кристофер Нолан (Данкирк), Џордан Пил (Бегај), Грета Гервинг (Лејди Брд), Пол Томас Андерсон (Фантомска нишка).

За „оскарот“ за најдобра актерка ќе се натпреваруваат Сели Хокинс (Обликот на водата), Френсис Мекдорманд (Три билборди пред Ебинг, Мисури), Марго Роби (Јас, Тоња), Сурша Ронан (Лејди Брд) и Мерил Стрип (Пост: Досие Пентагон).

За најдобар актер, пак, номинирани се Тимоти Шаламеј (Викај ме со твоето име), Даниел Деј Луис (Фантомска нишка), Даниел Калуја (Бегај), Гери Олдман (Најмрачниот час) и Дензел Вашинготн (Адвокатот Роман Израел).

За најдобра актерка во споредна улога се номинирани Мери Џи. Блајџ, (Мадбаунд), Алисон Џени, (Јас, Тоња), Лори Меткалф, (Лејди Брд), Октавија Спенсер, (Обликот на водата)  и Лесли Манвил, (Фантомска нишка).

За најдобар актер во споредна улога се номинирани  Вилијам Дафо, (Проектот Флорида), Арми Хамер, (Викај ме со твоето име), Ричард Џенкинс, (Обликот на водата), Кристофер Пламер, (Сите пари на светот) и Сем Роквел, (Три билборди пред Ебинг, Мисури).

За најдобро Оригинално сценарио се номинрани филмовите: „Биг сик“, „Бегај“, „Лејди Брд“ „Обликот на водата“„Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

 

„Оскарите“ се најголема ноќ за дизајнерите

 

САД– Кога ѕвездите ќе продефилираат на црвениот килим на доделувањето на „Оскарите“, тоа не само што ќе биде најголемата ноќ во Холивуд, туку и најголемата ноќ за славните дизајнери.

Долгата парада жени во гламурозни тоалети и скап накит, која почнува во јануари со доделувањето на наградите Избор на критичарите, Златните глобуси и од Здружението на актери, конечно завршува со „Оскарите“. Најдоброто, како што велат експертите, се чува за крај.

Неодамнешните модни недели во Њујорк и Париз ќе придонесат за нови изгледи.

„’Оскарите’ се најголемата модна ревија на планетата“, изјави дизајнерот Марк Бауер.

За разлика од затворените ревии, „Оскарите“ се прикажуваат во живо низ целиот свет и имаат милионска публика. Фотографии и видеоснимки од славни личности ги преплавуваат весниците, списанијата и интернетот.